Искористете ја сезоната на јагодите и направете го овој многу вкусен, мирисен и сочен колач кој децата го обожаваат. Кога и да го приготвам веднаш се изедува, а многу често и додека сè уште е врел. Секој може да го направи, не може поедноставно од ова. Од самиот почеток вклучете ја рерната да се загрева, зашто за само 8-10 минути ќе биде готова смесата за печење.

Истиот колач можете да го направите и со малини, вишни, цреши, боровинки и друго слатко-киселко овошје како што се бобинките. По желба може да додадете и една рака сечкани ореви, но ние ко сакаме баш ваков, сунгерест и мек пандишпан натопен од сокот на овошјето. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г јагоди или друго бобесто овошје, 3 крупни јајца, 200 г шеќер (гранулиран) кристал, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 350 г брашно Т 400 или сенаменско, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 200 мл растително масло, 200 мл млеко

ПОСТАПКА: Вклучете ја рерната да се загрева на 180-190 степени Целзиусови. Подгответе огноотпорен сад или некој помал калап со димензии 20х10 см (или приближно), намастете го со масло на дното и ѕидовите, наросете го со брашно убаво да се нафати од сите страни, а вишокот истресете го.

Јагодите убаво измијте ги под млаз ладна вода, исцедете ги и отстранете им ги зелените ливчиња со дршките. Секоја јагода пресечете ја надолжно на половина. По желба можете да ги наросите со малку лимонов сок за уште покиселкав вкус (не мора).

Во подлабок сад скршете ги јајцата кои претходно малку отстојале на собна температура, додајте го шеќерот и ванилата, па пенасто изматете ги со миксер додека да добиете кремаста, светла свеса, а шеќерот да се растопи.

Додајте го млекото и маслото па повторно изматете за да се изедначат сите влажни состојки. На крај додајте го брашното помешано со прашок за печиво и повторно изматете додека да добиете мазна, изедначена, хомогена смеса без грутчиња.

Добиеното тесто излејте го во подготвениот калап, распоредете рамномерно, израмнете и малку протресете го калапот за да излезат евентуалните воздушни меурчиња. Одозгора наредете ги пресечените јагоди (или овошјето по избор) и ставете да се пече.

Колачот печете го на 180 или 190 степени, 40-тина минути или во зависност од вашата рерна. Оставете го да се подизлади, па наросете го со шеќер во прав и послужете го. Видепрезентацијата на Јелена погледнете ја ОВДЕ.