Сладолед колач со јагоди која се топи во уста како сладолед. Рецепт на „Лесно е да се готви“. Постапката за приготвување е многу едноставна. Единствено што ќе мора да почекате, е колачот да се стегне во фрижидер.




Се подготвува за 15 минути, со тоа што не валкате многу садови, само едно тенџере и калап во кој ќе го сместите колачот. Покрај тоа, нема печење и користење на многу состојки, туку нешто едноставно за набрзина, а сепак многу вкусно.




Потребни состојки: 9 лажици шеќер, 3 пудинзи од ванила, 1 литар млеко, 150 г маргарин/путер, 200 г бело чоколадо, 300 г бисквити (Петит или некои други), 500 г јагоди или сезонско овошје по ваш избор, лимонов сок, 150 г чоколадо и 150 мл слатка павлака.




Постапка: Во еден сад ставете го шеќерот со пудинзите од ванила. Промешајте ја прашестата смеса и во неа додајте 200 мл од 1 литар млеко. Останатите 800 мл ставете ги во тенџере и почекајте да зоврие.




Убаво измешајте ја смесата со пудинзите, а кога млекото ќе зоврие со постепено мешање се додава оваа смеса. Се меша и се остава да се вари додека да се згусне пудингот. Потоа во врелиот пудинг кој треба да го тргнете од рингла додајте 150 г путер или маргарин и промешајте за да се растопи.




Исто така додајте го белото чоколадо, скршено на помали коцки за и тоа да се растопи додека пудингот е сè уште врел. На крајот се додаваат бисквитите кои е потребно со раце да ги скршите на помали парчиња (не се сомелуваат!)




Јас користев Петит бисквити со путер, но секако изборот останува на вас. Филот се остава настрана за убаво да се излади. Во меѓувреме јагодите се мијат и се отстрануваат од дршката, па се сечат на помали парчиња.




Исто така, важен совет е да ги прелиете јагодите со еден лимонов сок за да не потемнат во тортата. Доколку ви преостане вишок течност од сокот, може да ја додадете во смесата со пудинг.




Кога филот ќе се подолади, сечканите јагоди се ставаат во него и добро се промешува. Смесата се излева во калап со флексибилен обрач или плех со димензии 20х30 см или некоја слична големина, добро се измазнува и колачот се става во фрижидер да се стегне преку ноќ.




Доколку немате време за чекање, а сакате колачот да го направите по брза постапка може да го ставите 1 час во замрзнувач. Потоа за глазура: 150 г чоколадо скршено на коцки се прелива со 150 мл зовриена слатка павлака и се промешува додека чоколадото да се растопи.




Чоколадната глазура се прелива врз колачот и важно е добро да ја распоредите и тоа што побрзо бидејќи колачот е доволно ладен и веднаш ќе го стврдне чоколадото. Може да филувате и со шлаг по желба, а одозгора декорирајте со 6 јагоди. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.