Засладете се со превкусен домашен сладолед. Овој десерт е најдоброто освежување кога ќе дојдат жештините, а може да се направи во милион различни вкусови. Домашниот сладолед се приготвува лесно и многу е поздрав и повкусен од купечкиот.

рецепт 2

Ќе ви предложиме неколку класични рецепти, а првиот се приготвува само од три состојки. Во секој од предложените рецепти можете да додавате овошје по ваш вкус, да го послужите како класичен сладолед од ванила, или пак да му додадете чоколадо. Сладете се и уживајте. Еве што ви е потребно:

рецепт 1

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл ладна слатка павлака, 300 мл засладено кондензирано млеко, 2 супени лажици екстракт од ванила (или по вкус). Ако немате купечко кондензирано млеко, рецептот за домашно направено можете да го прочитате ОВДЕ – брз рецепт, за 5 минути и класичен рецепт ОВДЕ.

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл млеко, 2 жолчки, 40 г шеќер, 50 г кондензирано млеко, 70 г полномасно млеко во прав, 60 г бело чоколадо, 400 мл слатка павлака за шлаг

ПОСТАПКА за рецепт 1: слатката павлака непосредно пред употреба извадете ја од фрижидер, зашто потребно е да биде ладна за да може убаво да се измати. Сипете ја во подлабок сад и изматете ја со миксер додека да добиете мек шлаг.

Потоа додајте го кондензираното млеко и ванилата, па изматете колку да се соедини. Смесата сипете ја во соодветен сад, покријте ја со стреч-проѕирна фолија и затворете со капак, па оставете во замрзнувач за да се стврдне, минимум 7 часа или преку цела ноќ. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:

рецепт 2

ПОСТАПКА за рецепт 2: од две јајца одвојте ги жолчките во посебен сад, додајте 300 мл млеко и 40 г шеќер, па со кујнска жица-маталка изматете за да се соединат. Потоа додајте 70 г полномасно млеко во прав и 50 г кондензирано млеко.

Енергично изматете со маталката додека да се изедначи смесата и да не останат грутчиња од млекото во прав. Садот ставете го на умерено ниска температура и загревајте го постепено со непрекинато мешање додека да згусне (не премногу).

Потоа додајте 60 г бело чоколадо искршено на коцки и продолжете со мешање додека да се растопи и апсорбива во кремот. Добиената смеса процедете ја низ ситна цедалка во соодветен сад, за да биде целосно мазна и без грутчиња.

Садот покријте го со проѕирна стреч фолија или кеса и оставете да се олади на собна температура, а потоа и кратко во фрижидер. Во подлабок сад сипете 400 мл ладна слатка павлака (од фрижидер) и пенасто изматете ја со миксер додека да добиете шлаг.

Одземете две супени лажици од шлагот и додајте ги во оладениот крем, па промешајте да се соедини. Потоа целиот крем сипете го во шлагот и промешајте нежно со кујнска шпатула додека двете состојки да се соединат и изедначат.

Добиената смеса претурете ја во соодветен сад, поклопете со стреч-проѕирна фолија за да не фаќа кристалчиња, и оставете во замрзнувач најмалку три часа. Потоа црпете со специјална лажица за топки и послужете во десертни чаши. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.