Ова се моите нежни снегулки со кокос и пудинг од ванила – најубавите рафаело кифлички кои нокого не оставиле рамнодушен, особено љубителите на кокосот…
Го добија името „рафаело“ затоа што навистина потсетуваат на нивниот вкус. Брзо се прават, без чекање, а свежи се и следниот ден…ако останат. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки за тесто:
250 г путер/маргарин
200 мл јогурт
1 шолја (200 мл) шеќер
1 прстофат сол
1 јајце
600 г брашно
50 г кокос
1 кесичка прашок за печиво
1 ванилин шеќер
За фил:
600 мл млеко
2 кесички пудинг од ванила (2х40 г)
100 г кокос
4 лажици шеќер
1 лажица арома од ванила
За посипување:
шеќер во прав
кокос
Постапка:
1. Прво пригответе го филот: Во еден сад ставете 500 мл млеко, ставете на оган да зоврие заедно со шеќерот и ванилата.
Во остатокот од млекото разматете го пудингот. Кога млекото ќе проврие, тргнете го од оган па додајте го пудингот. Мешајте постојано, вратете на оган додека да се згусне. Додајте кокос и промешајте.
2. За тесто: Омекнете го путерот на собна температура, додајте шеќер и пенасто изматете со миксер, додајте ванилин шеќер, прстофат сол и 1 јајце, па заедно изматете и додајте го на крај и јогуртот.
Кога ќе се изедначи додајте 50 г кокос и брашно, но не целата количина туку околу 500 г и прашок за печиво. Кога ќе го додавате брашното мешајте го тестото со дрвена лажица и полека додавајте го остатокот од брашното. Тестото треба да биде меко, но не смее да се лепи.
3. Поделете го на два дела и развијте две кори со оклагија. Тестото развлечете го на побрашнета површина и одозгора посипете малку брашно за да не ви лепи. Нека биде со дебелина од 3 мм, ниту многу дебело, ниту претенко.
Сечете со нож на 16 триаголници, а доколку сакате помали кифлички, можете и на 32.
4. Филот со кокос поделете го на 2 дела. Правете топчиња со величина помала од орев, па правете ваљачиња така да може да застанат во триаголничињата (вкупно 16 или 32), па завиткајте ги во кифлички.
5. Нема потреба да ги затворате на краевите за да не истекува филот, бидејќи ова е поинаков фил и тој не истекува. Подекоративни се ако се отворени од страните. Кифличките редете ги во плех обложен со хартија за печење.
Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени 15 минути, малку да заруменат, а потоа вадете ги од рерна. Треба повеќе да останат бели (ако се долу печени, а одозгора малку заруменетки, значи дека се готови). Посипете ги со кокос и шеќер во прав додека се топли. Рецепт на Ранкос.