НАЈУБАВИОТ ОВОШЕН КОЛАЧ: Се прави низ цела година, за половина час е готов! Рецептот е лесен и едноставен, а колачот се приготвува од состојки кои секогаш ги имаме в кујна. Од овошје можете да користите какво имате, па дури и смрзнато (исцедено), чоколадо, ореви или други јатки… Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за крем: 400 мл млеко, 1 јајце, 5 супени лажици шеќер (или по вкус), 1 лажица масло, 5 супени лажици скроб/нишесте/густин, 100 г бело чоколадо, 2 лажици путер/маргарин

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за пандишпан: 1 чаша (од 200 мл) шеќер, 4 јајца, 200 мл топло млеко, 180 мл масло, 1.5 кесичка прашок за печиво, 2 супени лажици скроб/нишесте/густин, 2.5 чаши брашно. И уште: 1-2 раце вишни, 1-2 раце ситно сечкано чоколадо (капки). Се пече 30-35 минути на 170 степени. По желба се посипува со шеќер во прав

ПОСТАПКА: Прво пригответе го кремот за да има време да се олади. Во тенџере сипете го млекото, додајте едно јајце и шеќер, изматете рачно, па додајте го скробот и убаво изедначете за да нема грутчиња.

Ставете да на оган и варете на умерена температура со непрекинато мешање додека да згусне како пудинг. Додека сè уште е топло додајте го чоколадото и путерот и мешајте за да се растопат и инкорпорираат во смесата.

Сипете го кремот во друг сад и покријте го со стреч фолија за да не фаќа коричка додека се лади. Потоа пригответе го тестото за пандишпан. Тоа треба да биде со конзистенција малку погуста од онаа за палачинки.

Најпрво пенасто изматете ги јајцата со шеќерот додека тој да се растопи и да се добие густа, светла смеса како крем. Додајте го топлото млеко и маслото и матете уште кратко. Потоа додајте ги сувите состојки: скробот, брашното и прашокот за печиво.

Измешајте, па кога ќе добиете мазно тесто без грутчиња, излејте го рамномерно во калап со средна големина, обложен со хартија за печење. Одозгора нафрлете овошје и чоколадо (или нешто по ваша желба).

Оладениот крем сипете го во готварски шприц и истиснувајте врз тестото (или можете да црпите со лажица од кремот и да редите врз тестото). Вака подготвениот колач ставете го да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени, 30-35 минути.

Кога ќе се испече оставете го да подизлади, па отстранете го обрачот, по желба посипете го со шеќер во прав и послужете го. На здравје сладење! Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.

За повеќе рецепти заследете ја NMD.mk, лајкнете ја и споделете ја нашата страница. Следно прочитајте: „ОВОШЕН КОЛАЧ: Слатко и освежително, може со било кое овошје!“ – ОВДЕ.

ОВОШЕН КОЛАЧ: Слатко и освежително, може со било кое овошје!