Професионалните пекари можат да го направат најубавото тесто што некогаш сте пробале, а сега доколку ги следите инструкциите на овој рецепт, и вие ќе можете да направите печиво со кое сите ќе ги воодушевите.
Тестото се приготвува од само шест состојки, невообичаени од досега познатите со кои го приготвувавте тестото. Исто така, во овој рецепт се откриваат и некои тајни за диплење и месење на тестото кои нема да ги сретнете на друго место.
Секако, потребно е да се вложи малку труд, бидејќи за секое вкусно печиво потребна е добра изработка на тестото. Меѓутоа, резултатот е феноменален, така што вашите кулинарски способности ќе бидат пофалени не само од вашите најблиски, туку и од сите што ќе ги пробаат или слушнат за вашите печива.
Овие леб-кифли можете да ги послужите за појадок, ручек или вечера. Ако ги послужувате за појадок или вечера, тогаш послужете ги со нутела, кајмак, џем или нешто по ваш вкус.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 115 засладено кондензирано млеко, 180 мл млеко, 2 лажички сув квасец, 355 г брашно, 30 г солен путер омекнат на собна температура, половина лажичка сол
ПОСТАПКА: Во еден длабок сад ставете го кондензираното млеко, па додајте млеко и две лажички сув квасец. Добро промешајте па додајте го брашното. Најпрво промешајте со шпатула или лажица додека брашното да ја впие течноста.
Потоа месењето продолжете го со рака. Кога ќе добиете полумеко тесто, во средината од тестото направете вдлабнување, па во него додајте го омекнатиот путер и солта, па продолжете со месењето додека да добиете убаво меко, мазно и еластично тесто кое не се лепи на рака.
Покријте го и оставете го 3 минути да одмори, а потоа месете го уште 5 минути. потоа повторно покријте го и оставете го да ферментира еден час додека да се удвои. Потоа формирајте го во валјак и поделете го на 9 еднакви делови. Од секое парче формирајте топче (сплескајте го со дланките, поклопете го, па со прстите соберете го во топче – погледни видео)
Топчињата покријте ги и оставете ги да одморат 10 минути. Потоа со помош на оклагија развлекувајте ги топчињата во долгнавести тенки кори, диплете ги од двете страни како што е опишано во видеото, па повторно развлечете, овојпат во вид на триаголник. Внимателно свиткајте ја секоја од 9-те кифли.
Приготвените кифли наредете ги дијагонално во помал калап со димензии 20х7 претходно добро намастен со путер. Покријте и оставете уште еден час да стасуваат кифлите. Одозгора премачкјате ги со млеко на собна температура и ставете да се печат во претходно загреана рерна на 180-200 степени околу 25 минути или печењето прилагодете го според вашата рерна.
Помешајте една лажица растопен путер и една лажичка мед, па премачкјате го печеното печиво додека сèуште е топло. Совет: доколку кондензираното млеко не е засладено, додајте околу 25 г шеќер за да може квасецот да се активира. Ако тестото малку ви се лепи, тогаш не додавајте брашно, туку само дланките малку намастете ги со путер. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.