Орхидеја фаленопсис е една од најубавите собни билки. По правило ја купуваме од цвеќарница кога е во цвет. Меѓутоа, со тек на време цветовите прецветуваат и опаѓаат, а потоа се прашувате дали нешто правите погрешно, бидејќи времето изминува а не се појавуваат нови цветови…

Во оваа статија ќе ви откриеме зошто орхидеите не сакаат повторно да ви процветаат и како може тоа да се поправи. Просечната должина на цветање на орхидејата фаленопсис е три месеци. Обично цвета два или трипати годишно. Паузата помеѓу цветањето може да биде одложена и за неколку месеци. За да уживате во честото цветање на оваа билка, ќе ви помогнат советите кои ќе ги прочитате во продолжение.

Орхидеите растат речиси насекаде низ светот, освен во пустините и на Арктикот. Познати се околу 1000 родови и 15.000 видови на орхидеи. Кај нас најпознати се два типа на орхидеи: родот Cymbidium и родот Phalаenopsis.

Видовите на орхидеи од овие два рода имаат нешто заедничко – бараат влажност и светлина. Првите се чуваат во темни садови на пониска температура (околу 10°С), а вторите во проѕирни садови (затоа што и на корените им е потребна светлина), на повисока температура (околу 18°С).

Откако ќе прецветаат се пресекува (дијагонално) гранчето на кое цветале, но не долу, туку веднаш после последниот цвет односно пред членчето. Секој член/јазол е пoтенцијална нова цветна гранка.

Здрави орхидеи, израснати во идеални услови (собна температура не помала од 16-17°C) треба да цветаат цели осум недели, по што цветот полека ќе почне природно да си паѓа од надолу па нагоре. Орхидеите во идеални услови цветаат до 3 пати во годината.

Овие цвеќиња се посложени за одржување и попребирливи за разлика од другите видови на цвеќиња. Сакаат светлина и влага (како и сите тропски растенија), идеална местоположба им е место без провев и претпочитаат само мека вода (бескарбонатна).

Бараат филтрирана светлина, а не директна сончева светлина. Никогаш не ги потсекувајте корените кои излегуваат од саксијата надвор и не вадете ги од оригиналнте пластични саксии во кои се засадени.

Ако водата што ја користите е тврда тогаш најдобро би било да користите претходно изладена превриена вода. Најдобрата вода за наводнување на орхидеите е дождовницата. Дождовницата, како што поминува низ воздухот, раствора и апсорбира многу супстанции како што се прашина, полен и други органски материи. Оваа збогатена дождовница придонесува и за исхрана на растението, советуваат од хортикултура.мк

Битен фактор при одгледување на орхидејата е температурата на водата. Ако температурата на водата и температурата на околината се еднакви, нема да настанат посериозни штети. Доколку користите премногу студена вода, може да настане долгорочно оштетување.

Постојат неколку постапки на наводнување: најпрво се потопува цела тегла во вода и се остава супстратот да ја впие водата (минимум 1 минута – максимум 3 часа); потоа се вади од водата и се остава да се исцеди вишокот на вода; постапката се повторува после 7 дена или кога супстратот ќе се исуши.

Секогаш треба да ги наводнувате рано наутро за да можат да се исушат во текот на ноќта. При секое потопло време, потребно е да се наводнува и во попладневните часови. Растението треба да биде потполно суво после 2 часа од наводнувањето.

Во принцип, се наводнува еднаш неделно во текот на зимата и два пати неделно, кога времето е премногу топло и суво. Големината на садот за орхидеи исто така помага да се одреди колку често ви треба вода, без оглед на климатските услови. Типично, 6-инчен сад има потреба од вода на секои 7 дена и 4-инчен сад вода на секои 5-6 дена.

За да обезбедите поголема влажност во просторот може да ги поставите на сад полн со каменчиња прелиени со вода. Испарувањето на водата ќе ја обезбеди потребната влажност на воздухот. Или пак можете да ги чувате во повлажни простории (кујна или бања).

Во периодот на цветање, орхидеите не се потхрануваат. Најдобро е да ги потхранувате на секои 3 недели во периодот од пролет до есен, со течно ѓубриво измешано во водата за полевање. За време на зимскиот период на орхидеите им е потребен одмор, затоа потхранувајте ги поретко, советуваат од Хортикултура.мк

Орхидеите се одгледуваат како украсно цвеќе, освен видовите на орхидеја од родот Vanilla (на пример Vanilla planifolia). Исто така, орхидеите се познати прочистивачи на воздухот.

КАКО ДА ВЛИЈАЕТЕ ВРЗ ОРХИДЕЈАТА ЗА ДА ЦВЕТА

Направете температурна разлика за орхидејата: ставете ја саксијата преку ноќ на поладно место (до 15 степени). Намалете ја количината на азот во прихраната. Фосфорот треба да има предност, бидејќи, во суштина овој минерал го стимулира цветањето.

Навлажнувајте го воздухот околу билката. Преместете ја саксијата со орхидеја на некое темно место – 5 дена. За три седмици орхидејата треба да пушти пупки. Овој начин е погоден само за возрасни и здрави билки.

Наместо полевање се препорачува во саксијата со орхидеја да се стават неколку коцки мраз, па така, таа побрзо ќе процвета. Ако забележите дека кај нерасцветаната орхидеја активно растат корења и листови, значи дека има одговарачки начин на развој.

Додека овој период не заврши, билката нема да процвета. Бидете трпеливи. Најважната работа – обезбедете и на вашата билка одговарачка нега. Таа сака многу светлина и се плаши од претерана влага.

За време на цветањето се полева по малку, двапати седмично, а за време на мирување – доволно е еднаш седмично. Можеби имате свои тајни за одржување на оваа убавица, па не заборавајте да ги споделите со нас.