Некаде на 12 километри одалеченост од Кочани, се наоѓа еден убав манастир Свети Пантелејмон. Во близина на овој манастир се наоѓа едно симпатично село Пантелеј, на падините од Осоговските планини, а целото тоа место освен што ќе ве плени со несекојдневна убавина, претставува и воздушна бања со чист планински воздух и повеќе природни извори на вода. Токму во близината на ова селце од бајките, се наоѓа манастирот посветен на светецот мантелејмон, а чиј ден се празнува на 9 август.

Водата која извира во манастирот е света и лековита, барем така тврдат мештаните. Постои една легенда поврзана со ова место, а која вели, дека на некоја слепа девојка која се викала Нејтана, еден ден и се сонило местото каде требало да копа за да најде лековита вода. Девојката по овој сон многу се вознемирила, но сепак заминала во потрага и го пронашла токму местото од својот сон.

Таа долго копала, копала… додека рацете и прокрвариле, па до толку се изнемоштила што на крајот паднала тешко болна. На смртната постела им ја открила својата тајна на селаните и им оставила аманет да го продолжат нејзиното копање и да го пронајдат изворот со лековитата вода. По нејзината смрт селаните продолжиле со копање и навистина ја пронашле водата која денес се наоѓа во манастирот, веднаш до олтарот.

Под манастирот има уште еден извор, за кој пак се верува дека е единствен од таков вид во Македонија. Наречен е ЦРНА ВОДА, а истекува од длабнатината на еден црн бор. За овој извор се верува дека лекува болести поврзани со коските, мускулите и зглобовите. Од оваа вода се пие со мало лажиче.

На ова свето место, на денот на празникот на 9 август доаѓаат илјадници верници за да се помолат и да се напијат од светата вода, со верба и надеж за здравје.