Многу лесна, кремаста торта.

Потребни состојки:

200 г бисквити
70 г црно чоколадо
50 г шеќер во прав
100 г путер или маргарин на собна температура
2-3 лажици ладно млеко
За пудинг-крем:
1,2 литар млеко
160 г пудинг од ванила (4 пакувања по 40 г)
140 г шеќер

И уште:

200 г милка чоколадо со лешници
100 г бело милка чоколадо
500 мл слатка павлака
30-40 г пропржени и издробени лешници

Постапка:

Бисквитите искршете ги, чоколадото изрендајте го, путерот исечете го на ленти. Во еден сад ставете биксвитите, чоколадото, шеќерот и путерот, а на крај додадете го млекото. Со раце замесете ја смесата од која ќе добиете средно меко тесто.

Во калап за торти на дното ставете хартија за печење, а врз хартијата со рака убаво и рамномерно распоредете ја смесата од бисквити.

За крем: Во 200-300 мл млеко промешајте го прашокот за пудинг со малку шеќер, а остатокот од млекото и шеќерот ставете ги на оган да зоврие. Во врелото млеко со постојано мешање додадете ја смесата за пудинг и варете неколку минути додека да се згусне.

Варениот пудинг веднаш поделете го на два дела, и уште додека е врел, во едниот додадете чоколадо со лешници, а во другиот бело чоколадо. Чоколадите претходно искршете ги на коцки за полесно да се растопат.

Двете креми од пудинг покријте ги со проѕирна фолија за да не фатат тврда коричка одозгора и оставете ги да изладат. За тоа време изматете ја слатката павлака во шлаг, а шлагот поделете го на 4 делови.

Кога пудингот ќе излади, со миксер изматете го и во секој дел ставајте лажица по лажица, по четвртина од шлагот. Врз подлогата ставете еден крем, потоа една четвртина шлаг, па вториот крем и на крај последната четвртина шлаг.

Одозгора наросете лешници, па ставете во фрижидер на неколку часови или преку ноќ за убаво да излади и да се стегне.