Корисни упатства за оние кои се лекуваат дома, а не добиле упатство од својот матичен лекар

Пишува д-р Александар Ивковиќ, радиолог кој честопати на својот блог “Ljudi I lazi” се осврнува на актуелни теми од областа на медицината.

“Најголемиот број луѓе се лекуваат дома. Накратко ќе дадам неколку совети. Ова не ги менува советите кои сте ги добиле од лекарот кој ве прегледал, туку служи за оние кои не добиле совети”, вели тој.

КОГА ТРЕБА ДА ОДИТЕ НА ЛЕКАР

Постојат неколку работи на кои мора да се обрати внимание. Тие одредуваат дали сте за болничко или домашно лекување. Било што од следново доколку ви се случи, задолжително да се јавите на лекар:

нагло влошување на дишењето. Бројте колку вдишувања имате во една минута и тоа запишувајте го. Ако немате оксиметар (а повеќето немаат) тоа ви е еден од показителите каква ви е состојбата со белите дробови.

Нормален број вдишувања е 12 до 16. Кај децата е поголем, кај постарите е помал. Доколку се влошува, односно бројот расте и чувствувате дека не можете да вдишете, потребно е да се јавите на лекар.

-нагла главоболка која не се смирува ни после земање лекови. Се очекува дека во една фаза сигурно ќе дојде до појава на главоболка. Она што е важно е дека може да се намали со лекови. Ако болката не се смирува со лекови, задолжително јавете се на лекар.

-упорно повраќање кое не запира. Повраќањето е еден од симптомите кои се очекуваат. Не треба да паничете, но важно е да се сопре, бидејќи може да доведе до дехидратација. Ако никако не сопира, мора да одите на лекар.

-упорна дијареа која не поминува. И дијареата е еден од симптомите кои се очекуваат. Ако никако не поминува ниту со лекови, потребно е да се јавите на лекар.

НА ШТО МОРА ДА ВНИМАВАТЕ

Задолжително мора да водите сметка да не дојде до дехидратација. Од искуство, никому дома не му годеше обичната вода* (д-р Ивковиќ и неговото семејство го прележаа вирусот*). Најдете течност која ќе ви годи и која ќе можете да ја пиете.
Шумливи таблети, сокови, чаеви, било што. Важно е да се одржи хидратацијата на организмот.

Оние кои се болни зимно време тврдат дека им годеле топли напитоци, а оние болните во лето, ладни. Не е важно што, важно е да се внесува течност.
Ако дојде до пораст на температурата, спуштајте ја. Не мора да чекате да дојде до оние 38,5 степени. Спуштајте ја веднаш колку и да се покачила, за да не ве исцрпи максимално. Бруфен, парацетамол, не е важно што. Она што му годи на вашиот организам.

Одморајте, не се движете, особено не ја наведнувајте главата кон напред и надолу.
Кога после долго лежење ќе станете, може да се случи да почувствувате мачнина и вртоглавица. Прво малку седнете, а дури потоа станете.

Менталните реакции драстично се менуваат. Не е страшно ако станете пречувствителни, ќе помине. Губитокот на мирис и вкус се случува речиси редовно. Минливо е.

Ако има начин, контролирајте го притисокот. Пулсот можете секогаш да го контролирате. Важно е да нема големи осцилации, со тоа што брзината на отчукувањата расте со порастот на телесната температура.

ИСХРАНА

Важно е да јадете. Во некои моменти тоа е тешко. Одберете она што вам ви годи, било што. Само мора да јадете, потребно ви е храна. Витамините ако можете внесувајте ги преку овошје и зеленчук. Во оваа состојба не треба да мислите на диети и слични глупости. Потребни ви се сите нутриенти, сè. Супите се секогаш корисни, како и салатите од кои добивате витамини и минерали, а од месото протеини.

ШТО ПОСЛЕ КОВИДОТ

Многу луѓе, сè уште не е познат бројот, имаат последици од прележаната болест. Некогаш тие последици се во вид на хронична болест, а некогаш тоа е долг ковид, состојба во која чувствувате замор и некои од симптомите, едноставно се чувствувате лошо.

Нема некој посебно важен совет, главно општи. Не смеете да се изложувате на силен физички напор. Прошетки се препорачуваат, на чист воздух, колку можете, првиот ден ако можете 100 метри, тогаш 100. После некој период ќе можете и подолго, тоа ви е неопходно.

Уште еднаш ќе повторам: Овој совет е за оние на кои не им биле дадени упатства што да прават. Овие совети не го менуваат она што ви го препорачал вашиот лекар. Не земајте лекови на своја рака.

Имам прашање и за лекарите: Зошто се даваат антибиотици кога никој не ги препорачува? Превентивно – тоа не постои. Ќе се создаде резистенција.

Не можам да ви дадам совет како да се заштитите. Очигледно ги има доста од оние кои се шетаат а заразени се. Некои не знаат, а некои знаат ама се несериозни – вели овој доктор, кој и самиот го прележа вирусот и беше во многу тешка здравствена состојба, од која за среќа закрепна.

Во врска со вирусот тој уште додаде: “Оваа болест уб-ива, бара начин како да се вовлече таму каде што сигурно ќе уб-ие. Основна цел е уништување”.

Loading...