Кинескиот биолошки часовник ги покажува интервалите во кои енергијата циркулира низ делови од нашето тело, а на секои два часа од денот, секој орган има свое време во кое најнапорно работи.

Во одредено време од денот функцијата на поедини органи работи со најголема сила, а доколку има проблем со тој орган, симптомите ќе бидат најизразени во тој дел од денот. Нашиот организам покрај разните системи, содржи и енергетски меридијан.

Меридијаните се канали, како кр-вните садови, низ кои поминува животната енергија, веруваат Кинезите. Оваа енергија истовремено влијае на правилното функционирање на целото тело и метаболизмот. Постојат 12 главни меридијани и секој од нив припаѓа на одреден орган по кој е именуван и кој ги одредува неговите функции.

Според теоријата на јин / јанг, меридијаните се поделени во 6 парови – 6 јин и 6 јанг меридијани. Јин меридијаните вклучуваат „исполнети“ органи кои ги извршуваат функциите на собирање, складирање и преработка на храна / супстанции и енергија во телото: бели дробови, слезина, срце, бубрези, срцева област и црн дроб.

Јанг меридијаните вклучуваат „шупливи“ органи чија функција е размена, екскреција (супстанции, енергија): дебелото црево, желудникот, тенкото црево, мочниот меур и жолчното кесе.

Според правилата на кинеската медицина и законот за ритам, секој меридијан што одговара на одредени органи и телесни функции, во циклус од 24 часа работи „со полна моќ“ во период од 2 часа, а потоа има најниско ниво на активност.

Лекар по кинеска медицина при земање анамнеза, најпрво ги прашува пациентите во кое време од денот се појавуваат симптомите на болеста. Со оваа информација, докторите точно знаат каде е проблемот, секако со понатамошни испитувања.

Не е лошо да го следите кинескиот биолошкиот часовник и да запишете во кое време од денот се појавуваат проблемите, како што се замор, болка и слично. Исто така е добро да се запази времето кога имате најмногу енергија и кога се будите во текот на ноќта – и ова укажува на проблем со одреден дел од телото.

Максимално време на функцијата

1 до 3 часот по полноќ најнапорно работи црниот дроб и врши функција на детоксикација (мускули, очи). Од 3 до 5 часот најнапорно работат белите дробови (кожа). Од 5 до 7 часот најнапорно работи дебелото црево (асимилација, елиминација, кожа).

Од 7 до 9 часот најнапорно работи желудникот (лимфа, храна и варење). Од 9 до 11 часот најнапорно работи слезината, панкреасот (лимфа, храна и варење). Од 11 до 13 часот најнапорно работи срцето (артерии, циркулација на крв).

Од 13 до 15 часот најнапорно работи тенкото црево (варење, асимилација, артерии). Од 15 до 17 часот најнапорно работи мочниот меур (коски, заби, елиминација, чистење). Од 17 до 19 часот најнапорно работат бубрезите (коски, заби, уши, филтрација, елиминација).

Од 19 до 21 часот најнапорно работат кр-вните садови околу срцето. Од 21 до 23 часот најнапорно работи центарот за терморегулација. Од 23 до 1 часот најнапорно работи жолчката (варење, мускули, очи).

Минимална функција или време за одмор

Од 1 до 3 часот тенкото црево (варење, асимилација, артерии). Од 3 до 5 часот мочниот меур (коски, заби, елиминација, чистење). Од 5 до 7 часот бубрезите (коски, заби, уши, филтрација, елиминација).

Од 7 до 9 часот кр-вните садови околу срцето. Од 9 до 11 часот центарот за терморегулација. Од 11 до 13 часот жолчката (варење, мускули, очи).

Од 13 до 15 часот црниот дроб (детоксикација, мускули, очи). Од 15 до 17 часот белите дробови (кожа). Од 17 до 19 часот дебелото црево (асимилација, елиминација, кожа). Од 19 до 21 часот желудникот (лимфа, храна, варење). Од 21 до 23 часот слезината, панкреасот (лимфа, храна, варење). Од 23 до 1 часот срцето (артерии, циркулација на к-рв).

Кога еден орган е на својот врв на енергија, органот од спротивната страна на биолошкиот часовник (12 часа разлика) е на најниско ниво на енергија. На пример, помеѓу еден и три часот црниот дроб го достигнува својот врв, а тенкото црево е на најниско ниво на енергија.

Затоа, ако јадете доцна во ноќта, храната не се апсорбира добро во тенкото црево, па од тие причини, некои активности треба да се избегнуваат во време кога енергијата на органот вклучен во таа активност е најмала.

Во моментот на максимална активност, сите дејства се насочуваат кон тој орган. Ако симптомите се појават во времето на пикот од енергија што го оптоваруваат органот и предизвикуваат здравствени проблеми, добро би било да ги намалите активностите кои го зафаќаат овој орган. Пример за овој случај може да биде, јадење доцна во ноќта и обратно.

Природната медицина има мноштво средства што можат да се користат за лекување во случај на вишок, како и недостаток на енергија преку акупунктура, хомеопатија, лековити билки, како и други средства. Посетата на лекар не треба да се изостави, бидејќи лекарот најдобро може да ја процени вашата здравствена состојба и да даде дијагноза.

Јин и јанг – спротивни принципи на Универзумот

Јанг ги претставува принципите на мажественост, сонцето, создавањето, топлината, светлината, небото, доминацијата, а јин ги претставува принципите на женственост, месечината, завршетоците, студот, темнината, материјалното и балансот.

Двата принципа се создаваат еден со друг и така функционираат, така што ниту еден од овие принципи не може да доминира кај поединецот.

Застапниците на кинеската филозофија веруваат дека хармонијата во организмот се постигнува со соодветни соодноси на јин и јанг храна. Тие исто така сметаат дека зимата е време на јанг-храна (зачинета и потешка храна), додека во летниот период се препорачува да се консумира јин-храна.

Јанг храната се препорачува и за мајки, оние кои патат од хроничен замор и анемични состојби, а храната за јин одговара за нервозни луѓе и оние кои страдаат од чести болки во грлото.

Според ова храната може да се подели во три категории: јин-храна, јанг-храна и неутрална храна. Термините јин и јанг се однесуваат на тоа дали храната или пијалакот го загреваат или ладат телото. Таквата поделба најчесто нема никаква врска со вкус или начин на подготовка.

Храна со јин (која лади): бадеми, јаболка, аспарагус, банани, пиво, брокула, зелка, целер, школки, пченка, ракови, краставици, патка, јагула, риба, грозје, мед, сладолед, лимон, печурки, портокали , ананас, сол, спанаќ, јагоди, соја, бел шеќер, домати, вода.

Јанг храна (загрева): говедско месо, црн пипер, кафеав шеќер, путер, сирење, чили, чоколадо, кафе, јајца, риба, лук, житарици (просо, леќа), масло од сусам, мандарини, оцет, зелени пиперки, гуска, шунка, грав, јачмен, праз, зелен лиснат зеленчук, кромид, кикирики, компир, мисирка, ореви, вино, виски.

Неутрална храна: леб, моркови, карфиол, цреши, урми, млеко, праски, грашок, сливи, суво грозје, интегрален ориз, бел ориз на пареа. Оваа поделба укажува на тоа дека храната која загрева треба да се користи во зимскиот период и се верува дека ќе му даде посебна енергија на телото во ладниот период.

Во друг случај, храната која лади односно јин-храна треба да се консумира во летниот период и се верува дека го освежува телото, му дава наплив од енергија и добро здравје. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска