Тестото за овие кифли е навистина предобро. Особено смесата со која се премачкуваат корите ги прави тие да бидат меки како душа а лесни како пердув.
Можете да ги приготвувате во солена или слатка варијанта, секогаш излегуваат превкусни.
Потребни состојки:
1 квасец,
400 мл млеко,
200 мл вода,
3 рамни лажички сол,
1 лажица шеќер,
850 г брашно +-
За премачкување:
140 г путер или маст
3 жолчки,
1 лажица брашно
и уште: 1 јајце и семе по желба за наросување одозгора.
Постапка:
Активирајте го квасецот со 200 мл топло млеко, шеќер и лажичка брашно. Додајте ги останатите состојки и замесете меко тесто. Оставете го на топло да стасува додека да да се удвои. Стасаното тесто поделете го на 4 дела.
Посебно соединете ја маста со жолчките и брашното, па добро измешајте или изматете.
Секој дел развлечете го во кора со големина на една голема чинија и премачкајте ја со приготвената смеса (сите четири кори). Оставете ги половина час да одморат, а потоа спојувајте ги две по две.
Развлечете ги на побрашнета маса како кора за пити, рамномерно на сите страни. Тестото се развлекува со раце, а не со оклагија, бидејќи и горната кора е намачкана. Не мора да биде многу тенко, но навистина многу убаво се развлекува.
Со помош на чаршавот кој е под кората, свиткајте ги двата краја како ролат, така што речиси да се допираат на средината, па пресечете со нож по должина. Така добивате два ролата.
Секој ролат сечете го на еднакви делови (кифли) и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Оставете да одморат за да нараснат, а потоа премачкајте ги со изматено јајце и наросете ги одозгора со семки/семе по ваша желба.
Загрејте ја рерната на 180 степени и печете ги додека да заруменат. Постапката повторете ја и со другиот дел од тестото. Од оваа количина излегуваат два големи плеха од рерна.
Тестото може да се филува и со сладок или со солен фил, но вкусни се и ако се празни.
Сoolinarika.сom