Пишува: Мартин Најдовски, за повеќе информации околу билката или за рецептите можете да го прашате на неговата фан страница Лилма.

Денес билкарот Мартин Најдовски ни пишува за билката – Здравец (lat.Geranium macrorrhizum).

“Здравецот е едногодишна или двегодишна билка, која се карактеризира со силен мирис. Расте покрај реки, на карпи, стрмнини, на влажни места, може да се сретне во природата како самоника билка и тоа многу често. Цвета од пролет па сè до септември, се карактеризира со виолетово-розови цветови.

Во народната медицина здравецот се употребува како лек но и како билка која билка користена за магиски дејствија. Од лековитите делови се употребува листот и коренот.

На оваа билка нашите стари му го дале името “Здравец” поради верувањето дека нема болест која таа не може да ја излекува. Ѓурѓовден е празник посветен и поврзан со оваа билка, бидејќи мајките ги бањале своите деца во вода каде што биле закиснати листови од здравец, за да бидат здрави во текот на годината.

Исто така, се плетеле венци од листовите од оваа билка и се закачувале на куќите за здравје во домот. Здравецот бил берен со песна, односно девојките пееле додека го береле здравецот:

“Здравче венче, здравче венче
Цвеќе миризливо, леле,
Берат ли те моми, моми ем ергени,
Ихааа..”

Во народот е и познато дека здравецот е Ветерска билка односно самовилска билка па затоа е наречена билка која ги лечи сите болести. Како што напоменав од здравецот се користат листот и коренот.

Благодарение на танините кои се присутни во листот, здравецот се користи кај внатрешни и надворешни крварења, како што се хемороиди, крвавења од матка, дијареа и слично.

Листот се користи и за намалување на шеќерот во крвта, подобрување на циркулацијата (здравецот работи преку крвта, ќе ви објаснам како), чистење на уринарните патишта, добар е за проблеми со срцето (коренот најчесто се употребува за проблеми со срцето), делува на чистење на бубрезите и мочните патишта, кај урогенитални инфекции и слично. Исто така, доста е делотворен кај проблеми со стомакот и цревата.

Се користи и кај луѓе кои имаат “тешки нозе” односно немаат кондиција, или имаат проблем со циркулацијата во долниот дел од телото. Испирањето со чај од здравец може да помогне кај афти на устата, но и кај ХПВ вирус. Во некои литератури е спомнато и дека помага кај рак, кожни болести и слично.

Јас најмногу го употребувам (и по што најмногу е познат во народната медицина) за лекување на стерилитет. Научниците испитуваат што е тоа што ја лекува неплодноста, но сè уште не може да се утврди” – вели Мартин Најдовски.

Според билкарот Најдовски, дејството на билката се заснова врз нејзиното својство да ја подобрува циркулацијата на крвта, особено во долниот дел на стомакот, со што доаѓа до поголема проодност на каналите и поголема функционалност на гонадите и создавање на поголем број гамети.

“Здравецот делува преку крвта и затоа тоа е билка број 1 и за мажи и за жени кога станува збор за неплодност.
Коренот се употребува за јакнење на срцевиот мускул, несоница, нервоза и против висок крвен притисок.

Рецепти:

– Чај од лист: 2 супени лажици лист се прелеваат со 500 мл вода зовриена, отстојува 20-30 мин поклопено, потоа се процедува и се пие по 2 шолји на ден 30 мин пред јадење.

– Чај од корен против висок притисок, несоница, нервоза и јакнење на срцев мускул: 1 корен од здравец се измива добро, се ренда и се прелева со 500 мл ладна вода. Стои поклопено 8 часа, потоа се замлачува малку, се процедува и пие по 2 шолји на ден.

– Вино од корен: Во 1 литар бело вино се додава 50 г свеж корен исечкан ситно, стои 15 дена, а потоа се процедува и секој ден се пие по 1 ракиена чаша на гладно, 30 мин пред јадење.

– За стерилитет кај мажи и жени: Секое утро во период од 40 дена, континуирано, се пие по 1- 2 шолји на ден чај од здравец.