Фотографија и рецепт на Александра Шуманова. Рецептот за овој многу вкусен колач за кој не е потребно печење, ни го претстави нашата драга членка Александра Шуманова во групата НМД рецепти.

Зебра колачите се многу популарни во последно време, а ова е еден од наједноставните, а откако ќе го пробате – мора да признаете – и еден од највкусните кремасти колачи.

Потребни состојки за бел крем: 1 литар млеко, 2 пудинг од ванила, 6 лажици шеќер, 1 лажица брашно, 2 лажици нишесте/густин, 1 ванилин шеќер, 1 лажица путер/маргарин и 100 г бело чоколадо.

Потребни состојки за чоколаден крем: 1 литар млеко, 2 пудинг од чоколадо, 6 лажици шеќер, 1 лажица брашно, 2 лажици нишесте/густин, 1 ванилин шеќер, 1 лажица путер/маргарин и 100 г црно чоколадо. За декорација: шлаг пена или изматена хопла и рендано чоколадо по желба

Постапка: За бел крем: Прашокот од двата пудинзи, една лажица брашно и две лажици густин измешајте со малку млеко кое сте го одзеле од 1 литар. Остатокот од млекото заедно со шеќерот и ванилин шеќерот ставете ги на оган.

Откако ќе зоврие намалете ја температурата, па додадете ја постепено смесата со постојано мешање. Варете додека да згусне. Во топлиот крем додадете го путерот и чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и стврдне. Истата постапка повторете ја и за чоколадниот крем.

Во калап за торти малку намастен со путер или обложен со фолија, наизменично со кутлача/црпалка редете еднаш од белиот, па еднаш од црниот крем. Секој следен слој се става врз претходниот. Кога ќе се заврши со црпењето, односно кога ќе се потрошат двете креми, се остава во фрижидер убаво да се стегне. Пред послужување се декорира со шлаг.

Фото и рецепт: Александра Шуманова