Рецепт и видео прилог на Мои Домашни Рецепти – слатко од дуња.

Во два чекори пригответе го ова прекрасно слатко кое има неодолив вкус и мирис. Заробете ја есента во тегла…

Потребни состојки:

2 литри ладна вода
10 г лимонтус (1 кесичка)
1,2 кг дуњи
600 мл вода
1 кг шеќер

Постапка:

Во длабок сад со 2 литри ладна вода растворете една кесичка лимонтус. Во оваа течност ќе се ставаат исчистените дуњи за да не потемнат и да останат крцкави од надворешната страна.

Дуњите измијте ги, излупете ги, исчистете ги од семките, а потоа исечете ги на коцки или форми по ваша желба. Веднаш по сечењето парчињата ставете ги во течноста и оставете ги во неа да отстојат 20 минути.

Извадете ги со решеткаста лажица и ставете ги во големо тенџере во кое ќе се вари слаткото. Прелијте ги со 600 мл вода и ставете ги на оган да вријат 20 минути. После 20 минути вриење додадете 1 кг шеќер и внимателно промешајте за да се раствори.

Доколку се формира пена, со лажица отстранувајте ја од површината. Оставете да врие со шеќерот уште еден час. Топлото слатко полнете го во стерилизирани, топли стаклени тегли и веднаш затворајте ги. Теглите се чуваат на ладно и суво место. Деталите можете да ги погледнете во видеото: