Здраво на сите. Веднаш да ви кажам дека не сум сигурна дали ова е „вистинската“ салса, но за мене е најдобра и незаменлива. Со години готвам по овој рецепт и никогаш нема да го сменам.

Го користам како додаток и база за многу јадења како што се гулаш, паприкаш, тестенини, рижото, пица… и разни други јадења, бидејќи им дава посебен вкус. Многу ме потсетува на вкусот на италијанските јадења. Се прави брзо и лесно. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кг домати, 3 средни пиперки, 1 црвена и 1 главица кромид, 7-8 чешниња лук, 1 лута пиперка (можеби и повеќе), 1 лажица сол, 1 лажица шеќер, 4-5 лажици масло, 1 лажица босилек, 1 лажичка оригано, 1 китка свеж магдонос. Се вари вкупно 1 час.

ПОСТАПКА: Зеленчукот измијте го и оставете да се исцеди. Доматите засечете ги на дното во вид на крстче и ставете ги во едно тенџере. Прелијте ги со врела вода и ставете го тенџерето на оган. Од моментот кога ќе зоврие варете само 1 минута.

Потоа процедете ги и оставете ги да се оладат или најдобро веднаш да ги претурите во ледена вода. Потоа многу лесно им се отстранува лушпата. Излупете ги доматите и исечете ги на коцки.

Пиперките исчистете ги од семето и дршката, исечете ги на помали парчиња и ставете ги во блендер. Сомелете ги. Ситно исечкајте ги двете главици кромид, чешнињата лук (7-8) и една лута пиперка. Ако сакате состо да ви биде полут, тогаш додајте повеќе лути пиперки.

Во широко тенџере сипете 4-5 лажици масло и ставете да се загрева на умерена температура. Најпрво запржете го кромидот неколку минути колку да омекне и застакли.

Потоа додајте го сечканиот домат, мелената пиперка, сечканите лукче и луто пиперче, по една полна лажица сол и шеќер, една лажица сув босилек (ако имате свеж уште подобро) и ситно сечкан свеж магдонос.

Гответе со повремено промешување во текот на следниот еден час. Кај мене се готвеше на тројка од вкупно шест јачини на ринглата. Во текот на готвењето кој сака може да додаде и една мала лажичка суво оригано.

Кога сосот ќе згусне загрејте ги теглите врз пареата или стерилизирајте ги во рерна на 100 степени 20-тина минути. Капаците пребришете ги со алкохол. Врелиот сос многу внимателно сипете го во топлите тегли.

Добро затворете ги и превртете ги за да се вакумираат. Завиткајте ги во ќебе и оставете ги вака да се оладат, а потоа чувајте ги на суво, темно и ладно место до употреба. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.

За повеќе рецепти заследете ја NMD.mk, лајкнете ја и споделете ја нашата страница. Следно прочитајте: „Најдобрата КАФЕАНСКА САЛЦА: Се приготвува за само неколку минути а има вкус како да излегла од најдобриот ресторан“ – ОВДЕ.

Најдобрата КАФЕАНСКА САЛЦА: Се приготвува за само неколку минути а има вкус како да излегла од најдобриот ресторан