Богатата руcка кујна нуди голем број интересни рецепти, а како највкусни се издвојуваат пирошките, кои се едни од најдобрите. Тајната е во подготовката на тестото, а може да се прават во солена или слатка варијанта и се служат во секоја прилика.
Кога ќе го замесите тестото, нема да погрешите ако одлучите да го наполните со компири и месо како во овој рецепт. Нема да зажалите за времето што сте го потрошиле на нив кога ќе ги пробате, а бидејќи се многу заситни, можете да ги послужите и како главно јадење. Еве што ви е потербно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 лажица шеќер, 1 лажица квасец, 200 мл топла вода, 500 г брашно, 1 јајце, 30 мл масло, 8 мали компири, 100 мл млеко, 3 парчиња шунка или друго месо кое е сувомеснато по ваш избор (какво преферирате).
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 1 коцка свеж квасец, 200 мл млеко, 1 лажичка шеќер, 400 г брашно, 1 лажичка сол, 1 лажичка сув зачин (вегета), 2 жолчки и 200 г варен компир. За фил: 1 младо кромитче, 1 младо лукче, 3 домати, 100 г суво, димено месо, 100 г сирење и маслиново масло, оригано, босилек, црн пипер. Други потребни состојки: 2 белки и презла за валкање.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во сад соединете го шеќерот, квасецот, солта и водата и сѐ заедно измешајте со шпатула додека да се добие еднолична смеса. Додајте го брашното, јајцето и малку масло, па измешајте додека да добиете мазно тесто, кое не треба да се лепи под прсти.
Тестото се меси сосема кратко, додека да се соедини. Покријте го со фолија, па ставете го во сад врз друг сад со топла вода да отстои 20 минути. Потоа преместете го и оставете го да отстои уште 20 минути. Замесете го, па свиткајте го во форма на леб и исечете го на 12 пати и секое парче тесто обликувајте го во топче.
Сварените компири изгмечете ги во пире, па додајте врело млеко и убаво измешајте. Секое топче развлечете го по малку и ставете по една лажица пире и малку шунка, па со прстите спојте ги спротивните краеви од тестото.
Пржете ги на длабоко масло од двете страни, а кога ќе бидат готови ставете ги на салфетка да се исцедат од маснотиите. Деталите за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ, а во продолжение прочитајте ја постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА: Најпрво ставете го квасецот со млекото, шеќерот, две лажици брашно, па промешајте убаво да нема грутчиња во смесата. Оставете смесата да отстои 10 минути за квасецот да се активира. Направете тесто со останатите состојки и варениот и изрендан компир.
Оставете го тестото да стаса, околу 30-40 минути. Потоа развлечете кора, сечете правоаголници и филувајте со претходно приготвениот фил. Со прстите притиснете на краевите за да се залепи пирошката, па валкајте ги прво во белка, а потоа во презла. Пржете ги во не многу врело масло.
За фил: Малку издинстајте ги кромидот и лукот, па зачинете, додајте рендан домат, суво месо на коцкички, па сирење или кашкавал. Со оваа смеса филувајте ги пирошките. Тестото е феноменално, а филот можете да го промените по ваш вкус.