На секоја свадба или друга свечена пригода речиси секогаш за предјадење се послужуваат пирошки, некогаш во комбинација со похуван кашкавал, а некогаш само со тартар сос. Но, се чини дека со текот на годините, вкусот на пирошките кои се послужуваат е сè полош и полош, а само на ретки места може да се најде вкусна пирошка.




Кога станува збор за пирошките, сигурно во вашиот тефтер можете да најдете најмалку пет различни рецепти, од оние со ферментирано, квасно тесто, до оние кои се виткаат од плачаинки. Овојпат, ќе ви го претставиме најбрзиот, а за многумина и највкусниот рецепт за пирошки кој нема да ве чини многу и е еден од поекономичните верзии. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г варен компир (може и пире ако ви останало од ручекот), 80 г путер или маргарин, 10 г сув квасец (1 кесичка), 1 мала лажичка шеќер, 200 мл млако млеко, 2 јајца, 380 г брашно, 1 лажица сол, 150 г сирење, 200 г лебни трошки (презла)




ПОСТАПКА: Сварете ги компирите и излупете ги (тоа е еден поголем или два компири со средна големина, па додека сè уште се топли додајте им една мала коцка од 80 г путер или маргарин и испасирајте ги за да добиете пире.




Во подлабок сад ставете една кесичка сув квасец, една лажичка шеќер, една чаша млеко и две жолчки. Изматете со кујнска жица-маталка додека сите состојки да се растворат во еднолична смеса.

Во течната мешавина додајте го компир-пирето целото одеднаш и промешајте со лажица, додека да се раствори убаво рамномерно. Треба да добиете смеса која е доста ретка, како течен јогурт, без грутчиња.




Во оваа смеса започнете постепено да го додавате брашното помешано со една супена лажица сол (приближно 380 г, но сами ќе оценете колку точно ќе ви биде потребно). Најпрво додајте половина од вкупната количина, измешајте, а кога ќе се впие, остатокот додавајте го малку по малку.

Замесете го тестото со рака кое треба да биде меко, мазно и да се одвојува од ѕидовите на садот, па оставете го покриено да одмора еден час на топло, додека да ферментира и убаво да го удвои волуменот.




Стасаното тесто истресете го врз набрашнета работна површина, малку премесете го, па развлечете го во голема, тенка, праволаголна кора која потоа треба да ја исечете на (20 или повеќе) правоаголници.

По надолжната страна ставете стапче кашкавал (претходно исечете си или изрендајте го) или ситно сирење, па свиткајте со вовлечени краеви за да не истекува при пржењето. Можете да ги филувате и со фил по ваш избор.




Свитканите пирошки не ги оставате да одморат, туку веднаш ги натопувате прво во двете белки, а потоа во лебните трошки. Спуштајте ги во масло загреано на умерена температура и пржете ги по неколку минути од двете страни, додека убаво да заруменат.