Русите имаат традиција долга со векови кога станува збор за ова печиво со месо, па доколку и вие сте љубители на пирошките, време е да ги приготвите.

Оригинално се филуваат со мелено месо помешано со динстан кромид во путер, но, секако, може да ги филувате со мешавина од сирење и кашкавал, само сирење, зеленчук, шунка и кашкава, па дури и со некој сладок фил. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): 200 мл топло млеко, 200 мл топла вода, 1 јајце на собна температура, 1 супена лажица мајонез, 1 супена лажица шеќер, 1 мала лажичка сол, 1 супена лажица сув квасец (1 кесичка), 700 г брашно.

ЗА ФИЛ: 400 г зготвено мелено месо, 2 големи главици кромид, сол и зачини, 20 г путер

ПОСТАПКА: Во еден длабок сад помешајте топла вода и топло млеко (млаки да бидат), па додајте една полна супена лажица мајонез и едно јајце (сите состојки што се додаваат треба да бидат на собна температура), шеќер, сол, и квасец, па промешајте со жица-маталка.

Кога ќе се растворат сите состојки и ќе се изедначи смесата, започнете постепено да го додавате брашното. на почетокот мешајте со лажица или шпатула додека да ја впие течноста, а потоа замесете со рака.

Тестото е доста меко, па откако ќе започне да се одвојува од зидот, оставете го 5-10 минути да одмори, па прелијте го одозгора со една лажица маслиново масло и домесете го за да формирате топка.

Тоа и натаму е меко, но еластично и мазно. Покријте го со проѕирна фолија и оставете го да стасува еден час на топло место.

Додека тестото стасува вие пригответе го филот: Ситно исечкајте две главици кромид, па запржете ги на 50 мл масло под капак, на умерена температура.

Мешајте повремено, па кога ќе се карамелизира додајте 20 г путер и продолжете со динстање уште неколку минути. Во кромидот додајте зачини по вкус: црвена зачинска пиперка, куркума, коријандер, сол, сув зеленчуков зачин…

Во еден подлабок сад ставете 400 г претходно зготвено мелено месо (може да е сварено, па мелено, или остаток од печено месо, исчистено од коски па сомелено, а може и да го пропржите заедно со кромидот.

Во месото додајте го зготвениот зачинет кромид и една рака ситно исечкан магдонос. Промешајте и филот е готов.

Стасаното тесто малку промесете го и поделете го на 16-16 делови, а од секој дел формирајте топче. Покријте ги да не се сушат додека ги формирате пирошките.

Секое топче со помош на оклагија развлекувајте го во широка, долгнавеста, овална кора. На едниот крај ставете фил, па поклопете го со тестото и притиснете со прстите да се залепи.

Исто така, филот затворете го и од страните со тесто, па свиткајте ја пирошката исто како што се витка сарма, а спојката дополнително залепете ја со прстите. Вака приготвените пирошки покријте ги да не се сушат и оставете ги 10-тина минути да одморат.

Во длабоко масло загреано на умерена температура спуштајте ги пирошките и пржете ги по неколку минути од сите страни додека да добијат убава златна боја. Вадете ги во чинија облоѓена со хартиена салветка (иако не впиваат многу масло). Деталите од целата постапка погледнете ја во видеото ОВДЕ.