Пролетта е идеално време за уредување на дворовите, балконите и терасите. Големината на просторот не го условува задоволството, па и оние помалите можат соодветно да се уредат и да станат ваша оаза на мирот.

Оваа година, џуџестите рози ќе доминираат во градините, а за нивно садење не е потребен голем напор, ниту бараат некоја посебна грижа. Со овие неколку совети, тие ќе бидат бујни и ќе цветаат сè до есен.

Можете да засадите џуџести рози на балконот, терасата или во дворот, па дури и да ги чувате во станот. Она на што треба да обратите посебно внимание е позицијата, односно да имате доволно сонце. Розите го обожаваат. Почвата во која е засадена каква било роза мора да биде влажна и хумусна.

При садењето, на дното од саксијата ставете чакал или камчиња за да обезбедите доволно добра дренажа на земјата. Иако ружите бараат влага, сепак, доколку нема добра дренажа коренот би можел да започне да г-ние.

Растението е најдобро да се кастри еднаш годишно, што ќе поттикне раст на нови гранчиња, а на тој начин ружата можете и да ја обликувате. Есента е најдоброто време за кастрење. Секогаш гранчињата сечете ги со остри ножици под агол од 45 степени.

Најдобро би било да се заливаат розите со дождовна вода или вода која отстојала ден-два на собна температура. Доколку собирате дождовница, правете го тоа исклучиво од еколошки незагадена околина.

Доколку живеете во загаден град, ќе соберете само таканаречен „кисел“ дожд кој може да и наштети на билката. Мини розите сакаат и влажен воздух, па повремено прскајте ги со вода. Откако ќе прецветаат розите, не заборавајте да ги отстраните свенатите цветови или суви гранчиња.

Најдобро е ружата да презими во поладна и посветла просторија. За време на мирниот период, розата треба повремено да се полива. За бор-ба против болести кои се јавуваат кај ружите, како што се пепелница и пегавицата, користете фунгициди снабдени од земјоделска аптека, а доколку се појават растителни вошки, тогаш користете инсектициди.

САДЕЊЕ И ОДГЛЕДУВАЊЕ НА РОЗИТЕ ВО САКСИЈА

Поголемиот број на рози (со исклучок на крупните ползавци) можат успешно да се одгледуваат во саксии. Најважно е да саксијата биде доволно голема, за коренот да има доволен простор за раст, а со добра дренажа и добра земја, ќе им обезбедите и проток на свеж воздух.

Сите сопственици на поголеми дворови и оние кои немаат проблеми со кртови во почвата, можат да ископаат дупка во почвата и да засадат рози во изобилство, каде и да посакаат. Останатите, на располагање имаат само едно решение – рози во саксии.

Тие често се среќаваат со бројни проблеми – немаат доволно слободен простор во дворот, некои делови од градината се во сенка или пак затскриени од големите крошни на дрвјата од кои не сакаат да се ослободат, а неретко ги мачат и кртови кои го уништуваат украсното цвеќе.

Саксиите со жбунести рози или ползечки рози, треба да бидат високи најмалку 40 см, да имаат одводни дупки за вишокот на вода и добра дренажа. Особено бидете внимателни кај пластичните саксии кои во зима страдаат од мраз, додека пак теракотните саксии даваат поголема свежина на коренот во топлите летни месеци.

Розата е кралско растение и како такво најдобро е да се одгледува на место каде што може да се шири во висина, ширина и длабочина. И воопшто – таа сака простор, во некои случаи – особено многу простор.

Покрај тоа, за да биде здрава една роза, има потреба од соодветна исхрана, наводнување, како и од простор и проветрување, а под тоа се подразбира одгледување во почва. За да одгледувате рози во саксии, треба да се придржувате кон одредени правила, советуваат од Хортикултура.мк

Најважно е да има доволен простор. Дури и минијатурни рози се чувствуваат подобро во релативно поголеми саксии, а големите рози – флорибунди, чајно-хибридните и почвопокривните, бараат минимум 40-60 литарски саксии, со минимален дијаметар на саксијата од 40 см.

Освен тоа розите во контејнери се потешки за одгледување во споредба со останатите домашни растенија и за да се развиваат добро, мора да ги почитуваме следниве барања:

Минимум 5-6 часа директна сончева светлина; саксиите не треба да имаат подлоги, за да не се задржува водата во коренот. Подлогата треба да е со одлична дренажа; земјата треба да биде со одличен квалитет, богата со хранливи материи, како и добро дренирана;

Редовно прихранување со ѓубриво, најдобро со побавно дејство. Ако се користат течни ѓубрива, треба соодветно да се применуваат – нту премногу често, ниту да се пропушти и да не се надмине дозата, бидејќи правилната исхрана е од суштинско значење за добро расцветано и здраво растение;

Местото треба да е со добра вентилација – ако воздухот застојува, растенијата се подложни на габични инфекции и вошки; идеални за избор се сорти од модерни хибриди, особено почвопокривните сорти кои имааат и специјални контејнерски серии, кои се одлични бидејќи добро цветаат и не растат преголеми.