Кога сакате да се засладите со некој вкусен и лесен десерт кој ќе го направите за 5 минути, тогаш запишете си го рецептот на Кате и испробајте го. Многу лесно се приготвува, без печење во рерна, а нема да ви биде потребен ниту миксер.

Потребните состојки веројатно веќе ги имате в кујна, па нема потреба ниту да излегувате во набавки. Колачот се приготвува од бисквити и домашен крем од жолчки, а се прелива со растопено чоколадо во кое по вкус може да додадете кикирики, ореви, лешници, бадеми, суво сечкано овошје или друго по ваш избор.

Исто така, бисквитите можат да бидат темни, од какао, за да се добие контраст со жолтиот крем, но исто така, можете да го направите и со обични, светли бисквити, а во кремот да додадете какао или темно чоколадо, па глазурата да ја приготвите со бело чоколадо. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 27 бисквити и 100 мл млеко за натопување. ЗА КРЕМ: 3 жолчки, 80 г шеќер, 40 г скроб/нишесте/густин, 1 кесичка ванилин шеќер (8-10 г), 700 мл млеко. За глазура: 120 г чоколадо за готвење, 50 мл млеко и 60 г несолени кикирики или јатки по избор

ПОСТАПКА: обложете калап со димензии 15х20 см (со приближни димензии или помал) или поставете флексибилен обрач врз послужавник. Бисквитите кратко натопувајте ги во млекото и наредете ги како основа во калапот. За калап со овие димензии ќе ви бидат потребни 9 бисквити во еден ред.

Од три јајца во посебни садови одделете ги жолчките и белките. Во жолчките додајте го шеќерот и изматете ги за да се соединат, а белките сочувајте ги за да приготвите нешто друго со нив, како на пример, протеински појадок или пак, целувки и други десерти за кои се потребни само белки.

Во жолчките додајте ја и ванилата, а потоа и скробот, па започнете постепено да го додавате млекото. матете со кујнска жица-маталка за да се растворат состојките и да нема грутчиња. тенџерето ставете го на оган и загревајте на умерена температура.

Сварете го кремот со непрекинато мешање додека да ја постигне посакуваната густина. Додека сè уште е врел, половина од кремот излејте го врз првиот ред бисквити. Распоредете рамномерно и израмнете, па одозгора наредете втор ред бисквити, исто така кретко натопувани во млеко.

Потоа излејте ја втортата половина од сварениот крем и повторно израмнете. Наредете го третиот ред натопени бисквити, па тргнете го колачот настрана додека да ја приготвите глазурата.

За глазура: чоколадото искршете го на коцки и растопете го со малку млеко во микробранова печка или на пареа. Потоа додајте ситно и крупно сечкани кикирики или јатки по ваш избор, промешајте и глазурата излејте ја врз бисквитите.

Распоредете рамномерно, израмнете и протресете го калапот за да излезат евентуалните воздушни меурчиња. Колачот оставете го во фрижидер најмалку еден час за да се стегне, а потоа отстранете го обрачот (или фолијата), послужете и сладете се. Видеопрезентацијата на Кате погледнете ја ОВДЕ.