Фото и рецепт: Зоило

Аласио е мал град во Лигурија, Италија кој стана познат во целиот свет, токму по овие чоколадни бакнежи. Паскале Балцола, сопственик на една мала слаткарница ги осмислил познатите колачиња Baci Di Alassio во 1919 година.

Потребни состојки:

250 г пропржени мелени лешници
200 г шеќер во прав
35 г какао
35 г мед
2 белки* (ако се мали јајцата додадете уште 1 – 2)

За фил:

100 г темно чоколадо
70 г слатка павлака

Постапка:

Најпрво изматете цврст снег од белки. Во друг сад измешајте ги мелените лешници, шеќерот во прав и какаото. Додадете и мед, па откако убаво ќе се изедначат полека додадете го снегот од белки и внимателно промешајте го со лажица.

*мене смесата ми излезе некако прецврсто, па додадов уште малку белки.

Смесата ставете ја во слаткарска вреќичка и со голем ѕвездест продолжеток истиснувајте ги колачињата на плех обложен со хартија.

Колачињата да бидат со пречник 2-3 см. Ако немате ваква вреќичка, тогаш користете ќеса за замрзнување или нешто слично.

Печете ги 10 минути во претходно загреана рерна на 200 степени. Оставете ги целосно да изладат, а за тоа време пригответе го филот.

Слатката павлака загрејте ја речиси до вриење, но сепак внимавајте да не зоврие. Прелијте ја преку искршеното чоколадо и мешајте додека да добиете мазна смеса. Малку изладете, па спојувајте по две колачиња. Совршено одговара со капучино!