Познато е дека оригиналната баклава е само со ореви, но испробајте ја и оваа верзија во која корите се премачкуваат со една интересна смеса во која се додава и гриз.
Кај нас е омилена, малку е полесна од обичната и сите ја обожаваат. Имам два рецепти, некогаш ја правам според првиот, а некогаш според вториот рецепт. Вие одберете кој повеќе ви се допаѓа:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за рецепт 1: 500-600 г готови кори.
ЗА ФИЛ: 300 г ореви, 4 лажици гриз, 4 лажици шеќер во прав, 2 кесички ванилин шеќер, 100 мл вода, 100 мл масло.
ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 150 г растопен путер + 50 мл масло.
ЗА СИРУП: 500 мл вода, 350 г шеќер, 1 лимон
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за рецепт 2 (се мери со чаша од 180 мл): 500 г готови кори (12 парчиња).
ПРЕЛИВ за мачкање на корите: 3 јајца, 1 чаша кисела павлака, 1 чаша гриз, 1 чаша масло, 1 кесичка прашок за печиво, 3 кесички ванилин шеќер.
ЗА ФИЛ ОД ОРЕВИ: 500 г ореви, 250 мл млеко, 50 г чоколадо, 3 кесички ванилин шеќер.
ЗА СИРУП: 800 г шеќер, 1.2 литар вода
ПОСТАПКА за рецепт 1: најпрво пригответе го филот. Во подлабок сад ставете ги мелените ореви и сите останати суви состојки, промешајте за да се изедначи мешавината, па додајте ја водата и маслото.
Изедначете. Треба да добиете густа смеса со конзистенција на повлажен песок.
Во посебен сад измешајте ги растопениот путер и маслото. Отворете ги корите и пребројте ги за да имате увид приближно кори ролнички ќе добиете. Врз работната површина отворете една кора и испрскајте ја со мешавината од путер и масло.
Преклопете со втора кора и повторете ја постапката. Откако ќе ја премачкате преку целата површина со кујнска четка, на едниот крај (потесниот) распоредете од филот со ореви и свиткајте во цврст ролат.
Плиткиот плех од рерна намастете го со путер и наредете ги ролатчињата едно до друго, но сепак да има мал слободен простор помеѓу нив за убаво да се ипечат. Со остатокот од растопениот путер премачкајте одозгора, а потоа исечете ја на парчиња.
Ставете да се пече во преходно загреана рерна на 200 степени, 30 минути, па оставете да се олади. На оган ставете ја водата со шеќерот, па кога ќе зоврие додајте тркалца од лимон и гответе уште 15 минути.
Кога ќе застакли лимонот значи дека шербетот е готов. Ладната баклава прелијте ја со врелиот сируп. Оставете да се впие сирупот, па послужете ја оладена. Еве ја постапката и за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Прво пригответе го филот од ореви. Млекото и ванилин шеќерот ставете да зоврие. Додајте го чоколадото за готвење, па кога и тоа ќе се растопи тргнете од оган и додајте ги мелените ореви. Промешајте и оставете да се олади.
СИРУП: Водата и шеќерот ставете ги во тенџере на оган. Откога ќе зоврие додајте тркалца од лимон и варете уште 10-тина минути. Оставете да се олади. ПРЕЛИВ: Јајцата и ванилин шеќерот изматете ги, па додајте ја павлаката, маслото, гризот и прашокот за печиво.
Отворете ја првата кора, премачкјате ја со преливот, па истото повторете го со втората и третата кора.
Ставете ја четвртата кора и на едниот крај распоредете една третина од филот со ореви. Свиткајте во ролат. Постапката повторете ја и со останатите два ролати.
ПЕЧЕЊЕ: Оваа баклава се пече вкупно еден час на следниот начин: на почетокот се пече во загреана рерна на 200 степени додека да зарумени, а потоа се намалува на 160 степени.
Печената баклава се залева со оладен-млак сируп. Деталите од првиот рецепт можете да ги погледнете ОВДЕ.