Антиваксерската кампања вроди со плод? Прогласена епидемија на морбили во повеќе европски држави

Антивакцерската кампања, која изминативе години агресивно се спроведуваше на социјалните мрежи, на разно-разни предавања, како и на телевизиите и радијата, се чини вроди со плод. Нивото на вакцинирани деца во многу држави од регионов, па и Европа, падна под 70%, бројка која е загрижувачка.

Искусните епидемиолози и стручните лица кои беа вклучени во државните стратегии за имунизација, сиве овие години предупредуваа на една ваква ситуација, на неминовното доаѓање до момент, кога искоренетите превентабилни болести ќе почнат да се враќаат.

Па така, изминатиов месец, во многу Европски држави беше прогласена епидемија од Морбили. Еве ги бројките по држави, кои ги објави институтот за јавно здравје, а кои ги пријавиле државите од Европската Унија за 2017 и првите два месеци од 2018 година, за заболени и смртни случаи од мали сипаници:

Loading...

МАЛИ СИПАНИЦИ

Во подолниот текст е даден преглед на епидемиите регистрирани во Европа и светот. Според националните здравствени власти, малите сипаници предизвикале 50 смртни случаи во земјите на ЕУ од 2016 до 2018 година. Во 2017 година, 36 смртни случаи се регистрирани во: Романија (25), Италија (4), Грција (2), Бугарија (1), Германија (1), Португалија (1), Франција (1) и Шпанија (1). Во 2018 година регистриран е еден смртен случај во Романија. Податоци за ажурирања за епидемиите во земјите на ЕУ/ ЕЕА:

• Бугарија – објави еден случај на мали сипаници во 2018 година, заклучно со 28 јануари. Во 2017 година, Бугарија пријавила 166 случаи.

• Франција – од 1 ноември 2017 до 24 јануари 2018 година, пријавени се 115 случаи на мали сипаници, вклучувајќи и 32 хоспитализации од областа Бордо. Ова е зголемување за над сто случаи од претходниот CDTR, објавен на 12 јануари.

• Германија – објави седум случаи на мали сипаници во 2018 година, почнувајќи од 25 јануари. Во истиот период во 2017 година биле пријавени два случаи. Во 2017 година, Германија пријавила вкупно 919 случаи на мали сипаници.

• Грција – заклучно со 4 февруари 2018 година, од почетокот на епидемијата во мај 2017, пријавени се 1.463 случаи на мали сипаници, од кои 861 биле лабораториски потврдени. Меѓу лабораториските потврдени случаи, пријавени се два смртни случаи. Ова е зголемување за 495 случаи од претходниот CDTR од 12 јануари. Повеќето од случаите се од јужна Грција меѓу млади Роми, како и возрасни Грци, главно од 25-44 години.

• Унгарија – пријави еден случај на мали сипаници помеѓу 1-та и 3-та недела во 2018 година. Во 2017 година, Унгарија пријавила 105 случаи на мали сипаници.

• Ирска – објави 11 случаи во 2018 година. Во 2017 година, помеѓу октомври и 20 декември, регистрирани се две епидемии во Даблин и североисточниот дел на Ирска со 22 потврдени случаи. Во 2016 година, Ирска пријави 43 случаи на мали сипаници.

• Италија – пријави 4.991 заболен од мали сипаници, вклучувајќи и четири смртни случаи во 2017 година. Ова претставува зголемување од 106 случаи во однос на претходниот CDTR на 12 јануари. Во 2016 година имало 862 случаи, а во 2015 година се пријавени 258 случаи на мали сипаници.

• Летонија – пријави 11 потврдени случаи помеѓу 29 декември 2017 и 29 јануари 2018 година. Шест од овие случаи се пријавени во јануари 2018 година. Ова е зголемување од седум случаи од претходниот CDTR на 12 јануари.

• Полска – заклучно со 24 јануари 2018 пријави 11 случаи на мали сипаници, а девет од нив биле потврдени. Епидемијата е регистрирана во Вармија и Мазури меѓу десет возрасни лица од Украина и еден жител на Полска. Сите случаи биле невакцинирани. Во 2017 година, Полска регистрира 63 случаи на мали сипаници, а 133 во 2016 година.

• Романија – пријави 316 заболени и еден смртен случај од мали сипаници во споредба со претходниот CDTR на 12 јануари. Од 1 јануари 2016 година до 2 февруари 2018 година, Романија пријавила 10.623 заболени, вклучително и 38 смртни случаи. Од нив, 1.969 случаи се пријавени во 2016 година и 8.654 случаи во периодот 2017-2018 година.

• Шпанија – објави два потврдени и еден сомнителен случај на мали сипаници во 2018 година. Во 2017 година, Шпанија пријавила 137 случаи на мали сипаници.

• Шведска – објави 28 случаи на мали сипаници поврзани со епидемија во Гетеборг заклучно со 29 јануари 2018 година. Инкубациониот период од последниот случај на поврзан со оваа епидемија заврши на 5-ти февруари. Од јануари до октомври 2017 година, Шведска пријавила 39 случаи на мали сипаници и три случаи во 2016 година.

• Холандија – објави десет случаи на мали сипаници во 2017 година. Во 2016 година Холандија регистрира четири случаи на мали сипаници.

• Обединето Кралство – заклучно со 30 јануари, пријави 144 потврдени случаи во пет области низ целата земја. Ова е зголемување од 76 случаи во споредба со CDTR на 12 јануари. Од јануари до ноември 2017 година, Велика Британија регистрира 232 случаи. Во 2016 година, според TESSy, во истиот временски период биле пријавени 570 случаи.

Надвор од ЕУ/ ЕЕА, регистрирани се епидемии на мали сипаници во:

• Србија – Од почетокот на октомври 2017 година, заклучно со 05.03.2018, на територијата на Република Србија, вклучувајќи ја и територијата на Институтот за јавно здравје во Косовска Митровица, регистрирани се вкупно 3.123 случаи на мали сипаници од кои 1.581 е лабораториски потврден во Институтот Торлак. Најмладиот заболен е на возраст од 15 дена, а најстариот има 70 години. Поголемиот дел од пациентите се од возрасните групи помлади од пет години и над 30 години.

Поголемиот дел од заболените (95%) се невакцинирани, нецелосно вакцинирани или со непознат вакцинален. Од вкупниот број на пациенти, 32% биле хоспитализирани или хоспитализацијата е во тек. Од тешките компликации, регистрирани се воспаление на мозокот во еден случај и пневмонија кај 346 пациенти. Регистрирани се вкупно 7 смртни случаи.

• Косово* – Во текот на 2018 година, во периодот од 01.01-28.02.2018, пријавени се вкупно 200 случаи на мали сипаници од кои 91 бил хоспитализиран. Најголемиот дел од заболените се невакцинирани. Не е регистриран смртен случај.

• Албанија* – Во текот на 2018 година, во периодот од 01.01-02.03.2018, пријавени се вкупно 218 случаи на мали сипаници, од кои 151 се регистрирани во Тирана. Регистрирани се 2 смртни случаи (4 и 7-месечни деца).

• Швајцарија – објави два случаи во 2018 година. Во 2017 година беа регистрирани 105 случаи на мали сипаници во споредба со 65 во 2016 година.

• Молдавија – регистрирано е едно 7-месечно бебе кое развило симптоми на мали сипаници по посетата на Украина. Резултатите од тестовите за два други сомнителни случаи се во тек. Во 2014 година, во Молдавија биле пријавени два импортирани случаи.

• Украина – објави 2.084 заболени од мали сипаници во 2018 година, заклучно со 21 јануари, вклучувајќи три смртни случаи во Одеса (две деца и еден возрасен). Најзагрозени региони се Ивано-Франковск (463), Черновци (333), Закарпатија (331) и Одеса (265). Во 2017 година, Украина пријавила 4.782 случаи на мали сипаници, вклучувајќи седум смртни случаи кај четири деца и три возрасни лица.

• Јужна Кореја – објави девет случаи на мали сипаници во 2018 година. Во 2017 година, Јужна Кореја пријавила 11 случаи, во 2016 имало 18 случаи, во 2015 седум случаи, а во 2014 година 442 случаи.

• Русија – пријави 367 случаи на мали сипаници помеѓу јануари и октомври 2017 година, што е четирикратно зголемување во споредба со 86 случаи во 2016 година. Повеќето од случаите се во Дагестан, Чеченската Република и градот Москва. Епидемија на мали сипаници е во тек во регионот на Москва од декември 2017 година.

Еден од аргументите на антиваксерскоо движење, со кои ги убедуваат нивните следбеници на социјалните мрежи дека вакцинирањето не е потребно и дека всушност фармацевтската индустрија злонамерно ја “плаши” популацијата како би се продавале вакцините, е и тоа дека е многу мал бројот на заболени во државите каде што е прогласена епидемија.

По тој повод, а со цел објаснување на критериумите за прогласување епидемија, НМД го контактираше Проф. Д-р Драган Даниловски, епидемиолог и поранешен министер за здавство во владата на Р. Македонија:

Професоре, како се прогласува епидемија од мали сипаници и што влијае на таквата одлука?

Проф. Даниловски: -Епидемија на (заразна или незаразна болест) претставува зголемен број на случаи на болест над некој вообичаен просек карактеристичен во последните десетина години, но исто така и при појава на помал број случаи на заразна болест, кои се меѓу себе поврзани.

Ќе сакате ли уште да ни објасните кои се последиците од мали сипаници?

Проф. Даниловски: Едно дете од 10 болни деца од морбили добива инфекција на внатрешното уво и едно од 20 добива пневмонија.

Едно на 1000 добива енцефалитис, а едно или две на 1000 умираат. (извор: http://www.cdc.gov/measles/about/overview.html)

Субакутниот склерозирачки паненцефалитис (Subacute sclerosing panencephalitis – SSPE) е ретко дегенеративно заболување на централниот нервен систем, кое се јавува заради перзистентна инфекција на мозокот (скриено присутен вирус во мозокот) со вирусот на морбилите.

Се јавува, во просек, по 7 години (минимум 1 месец – максимум 27 години) асимптоматски период (период без симптоми) по заболување од морбили. Болеста е прогресивна и неизлечива, секогаш има смртен исход!

Резултатите од научни студии покажуваат дека вакцината против морбили, заштитувајќи од болеста морбили, значајно ја намалува веројатноста за развој на ЅЅРЕ.

А што е со вакцината?

Искуството со приближно 131 милиони дадени дози вакцини против морбили дистрибуирани низ САД до 1981 година покажуваат извонредна безбедност.

Околу 5%-15% од вакцинираните лица може да развијат температура повисока од 39,40С по шестиот ден и со траење до 5 дена.

Кај 5% од вакцинираните можна е појава на минлив исип.

Приближно еднаш на секој еден милион дози можна е појава состојби врзани за централниот нервен систем, вклучувајќи енцефалитис и енцефалопатија.

Но, стапката на инциденца (новопојавени случаи) на овие појави е пониска од опсервираната стапка на инциденца на енцефалитис со непозната етиологија, што сугерира дека некои или повеќето тешки невролошки нарушувања може да се само темпорално (временски) во релација со вакцинацијата против морбили, а не дека се должат на самата вакцинација.

Влијанието на вакцинацијата против морбили врз природниот тек на болеста може да се квантифицира (да се измери) преку споредба на максималниот број случаи на морбили, пријавени во дадена година пред употребата на вакцина, со бројот на случаи на болеста пријавени по подолг период (неколку децении) откако се врши континуирана вакцинација.

Така, во САД во 1941 година биле пријавени 894.134 случаи на морбили, а во 1995 година 288 случаи. Тоа претставува намалување од 99,97%!

(http://www.drugs.com/drp/measles-virus-vaccine-live.html)

НМД ја контактираше и Слаѓана Велков, некогашниот лидер на антивакциналното движење во регионов. Таа ни изјави дека во моментов се занимава со “жива храна” и не е веќе активна во “антиваксерските” движења, ниту сака да дава изјави на таа тема.

Госпоѓа Велков не упати, одговори да бараме од регистрираните здруженија на родители во Македонија, Хрватска, Србија… Таа уште напомена дека во време на интернет и слободен проток на информации, луѓето кои знаат јазици можат да се информираат околу корисноста на вакцините и да донесат свој став и одлука кон имунизацијата.

Притоа, таа изрази жалење за луѓето кои не знаат јазици и се ограничени информациите да ги прибираат од локалните медиуми, завршен цитат.

Дали треба да имаме право на слободен избор околу имунизацијата (нешто за што се залагаат противниците на вакцинирањето), или мораме да ги слушаме советите од стручните лица? Дали доколку продолжи да паѓа процентот на имунизација и дојде до враќање на превентабилните заболувања некој ќе сноси одговорност, некој што во изминатиов период сугерирал да се избегнува вакцинација, ќе покаже времето.

Нашиот апел до граѓаните е информациите на социјалните мрежи да ги земаат со огромна резерва и во секој случај да ги проверуваат кај своите семејни доктори и стручни лица кои би им ги објасниле сите аспекти и разрешиле сите дилеми.

НМД – Петар П.

Loading...