Ако имате проблем со вените, без овие работи не тргајте на пат

Доколку се подготвувате за подолг пат, а имате проблем со вените или сте потенцијален кандидат за тоа, постои начин како да го намалите ризикот од појава на тромб, кој може да се појави поради долго седење во една иста положба.

Како да се заштитиме?

ТРОМБОТ односно крвно згрутчување честопати се создава без симптоми, или знаци кои се игнорираат: отекување на нозете, необјаснива болка, грчеви или сегментна промена на бојата на кожата.

Со секое патување кое трае подолго од четири часови при кое немате можност да ги испружите нозете за да ги раздвижите, вие двојно го зголемувате ризикот од појава на длабока венска тромбоза, независно од тоа со кое превозно средство патувате.

Во такви ситуации крвта во нозете поспоро се движи и се зголемува ризикот за создавање на тромб, односно се зголемува можноста за појава на згрутчување во длабоките вени на нозете.

Оваа состојба е потенцијално опасна бидејќи грутчето може да се откачи и да стигне до белите дробови и да дојде до белодробна емболија, итен медицински проблем.

НЕДВИЖЕЊЕТО Е ГЛАВНИОТ ВИНОВНИК

Кај венската циркулација мускулите на потколеницата делуваат како венска пумпа која крвта ја движи кон срцето и обезбедува движење на крвта, а при долги патувања овие мускули се неактивни, па венската циркулација е значително успорена.

Втората важна причина за појава на троб во текот на долги патувања е зголемената коагулабилност, односно склоност кон згрутчување на крвта, а тоа често е последица на недоволен внес на течности и намалена количина на кислород поради големиот број патници на мал простор.

Под посебен ризик се секако, лицата кои веќе боледуваат од тромбофилија или зголемена склоност кон згрутчување на крвта (честопати оваа состојба не е дијагностицирана и болниот не е свесен за нејзиното постоење).

Доколку планирате повеќечасовен пат со автобус, автомобил или да летате на подалечна дестинација, а претходно сте прележале длабока венска тромбоза или тромбоза на периферен венски систем или се сомневате дека од било која причина имате зголемен ризик од создавање на крвни грутчиња, задолжително обратете се на специјалист кој ќе ви помогне да го намалите тој ризик и безбедно да патувате до својата дестинација.

ПОМАГААТ КОМПРЕСИВНИТЕ ЧОРАПИ

Сепак, ризикот од појава на тромб може да се намали на два начини.

-Со промена на специјални компресивни чорапи за вени ризикот од појава на тромб значително се намалува, бидејќи овие чорапи ја забрзуваат циркулацијата и ја намалуваат шансата да се гормира тромбот.

-Од друга страна, лековите за разредување на крвта како што се аспиринот и кардиопирин или некоја посилна алтернатива како фраксипарин и клексан се значителна дополнителна заштита.

Лековите, како и компресивните чорапи не треба да се користат на своја рака, туку неопходно е за нив да ги упати лекарот за да се спречат несакани дејства.