За ајдучка трева (lat. Achillea milefolium) пишува билкарот Мартин Најдовски. Доколку имате прашања во врска со оваа билка или приготвувањето на некои од рецептите, можете да го прашате на неговата фан страница Лилма.

Ајдучка трева или уште позната како Столисник, е билка која расте на песокливи места, може да се сретне по напуштени ниви, планински ливади и слично. Постојат неколку видови односно 4 видови на ајдучка трева, но како најлековити се одвојуваат жолтата и белата.

Ајдучката трева е доста позната и доста употребувана билка во народната медицина. Содржи горки супстанции, етерично масло, витамин Ц и К, а една од главните супстанции што ја има е ахилеин.
Се бере мај, јуни и јули. Лековито е целото растение односно цвет, стебло и лист. Таа делува антивоспалително, антибактериско и аналгетско.

Во народната медицина е позната по тоа дека е женска билка, па со тоа укажува дека ги лекува сите женски заболувања. Помага кај цисти на јајници, нередовен ПМС, проблеми со стерилитет кај жените, “бело прање”, чистење на јајниците, јајцеводите и матката.

Се користи кај проблеми со желудникот како што е гастритис, зголемена желудечна киселина, успешно лекува хемороиди внатрешни или надворешни, ја прочистува крвта, го зголемува бројот на црвени крвни зрнца, исто така делува на зајакнување на коскената срж, па е препорачливо луѓето кои се болни од остеопороза да пијат од овој чај бидејќи ја зацврстуваат и обновуваат коскената срж. Кај луѓето болни од леукемија се препорачува да ја комбинираат со лист од коприва и лишај трава.

Делува на цел уринарен тракт па се користи за инфекции и воспаление на мочните патишта, воспалена бешика, болно мокрење и слично.
Нејзиното име го добила по тоа што некогаш ајдуците си ги лечеле раните со оваа травка.

Во форма на мелем надворешно делува дури и кај најтешките рани, декубитис, осипи, кожни болести и слично. Внатрешно се пие кај постоперативни рани и внатрешни рани. Листовите исто така се доста лековити па од нив се изработуваат препарати за сончање.

Се употребува и кај воспаление на белите дробови, искашлување крв, кашлица, бронхитис. Мажите над 50 години треба да ја користат повеќе бидејќи помага кај болести со простатата.

Жолтата ајдучка трева или Achillea filipendula е исто така лековита но за неа не се зборува многу. Таа содржи повеќе горки супстанции и повеќе етерично масло, па е појака во смисла дека е погорчлив вкусот отколку кај белата. Жолтата се употребува за подигање на имунитетот особено кај луѓе со рак и влегува во состав на билки во антиканцер микс.

Рецепти:

1. Чај: 1 лажица супена се попарува со 250 мл зовриена вода. Отстојува 20 мин, се цеди и пие по 2-3 шолји на ден. За жените смеат да го пијат кога немаат циклус, за време на циклус се прави пауза.

2. Тинктура: 20 грама билка се прелева со 200 мл домашна ракија. Стои 21 ден со секојдневно протресување. Се цеди и се пие по 20 капки, 3 пати на ден разматени во вода, 30 мин пред јадење.

3.Масло од ајдучка: Полусува билка се реди во една тегла, се полни до врв со цвет, лист и стебло. Се налева со ладно цедено маслиново масло така да маслото ги прекрие цвртовите. Се затвора и стои 40 дена на сончево место. После 40 дена се цеди и се користи за мачкање на рани, посекотини, осипи и слично.

4. За жени кои сакаат да останат бремени можат да пијат по 3 шолји дневно од овој чај, со паузи за време на циклус. Една жена на која и кажав, после пиење на чајот од 3 месеци, остана бремена и тоа со дијагноза од доктор дека не може да биде плодна.

5. Мажите со проблеми со простата ако секој ден џвакаат по 1 свеж цвет, наутро и навечер, по 5 минути и потоа да го плукнат, и така да прават 21 ден, ќе си го решат проблемот со простата.

6. Микс за проблеми со желудник:

50 грама ајдучка трева
50 грама цвет невен
20 грама црвен кантарион
20 грама тегавец

Сè заедно се меша па 2 супени лажици од смесата се прелеваат со 500 мл зовриена вода, стои поклопено 20 мин се цеди и пие по 2 шолји на ден, наутро и навечер. После пиење на чајот од 14 дена се прави пауза од 1 недела.

7. Сок од ајдучка трева:

Во 4 литри ладна вода се ставаат 25 цвета да стојат 24 часа. После 24 часа се додава околу 400-500 грама шеќер (зависи кој колку благо сака), 1 лимон цеден сок и 1 лимонтус. Се се меша и стои уште 24 часа. После 24 часа се цеди и собира во шишиња и се чува во фрижидер.

Ајдучката трева влегува како главна билка во мојот мелем кој е наменет за тешки рани, хемороиди, изгореници и декубитис.
Исто така се изработува вино кое помага за внатрешни рани и постоперативни рани.

Не се препорачува да го пијат мажите доста често и во континуитет особено оние кои сакаат да станат татковци бидејќи ајдучката трева делува на намалувањето на сперматозоиди кај мажите. Не се препорачува да го пијат бремени и доилки.

Пишува: Мартин Најдовски