Вистинските љубители на комбинацијата од чоколадо и лешник ќе бидат воодупшевени од овој рецепт. брзо се приготвуваат, единствено што се чека е да се олади смесата во тенџерето, а потоа се формираат топчињата. Во зависност од филот кој ќе го користите за полнење на гнездата, овие ситни колачи може да бидат и посни.




Многу лесно се приготвуваат а излегуваат многу, убави се и декоративни, идеални за свечени пригоди и слави бидејќи можат да се приготват и неколку дена претходно, а сепак да бидат вкусни и свежи. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл вода, 200 г шеќер, 150 г маргарин/путер, 100 г чоколадо за готвење, 250 г мелени бисквити, 150 г мелени лешници, претхотно испечени. За валкање: околу 100 г крупно сечкан лешник. ЗА ПОЛНЕЊЕ: околу 150 г нутела/линолада или 150 мл слатка павлака и 100 г чоколадо за готвење




ПОСТАПКА: Најпрво потпечете ги лешниците во рерна, на 180 степени околу 10-15 минути, со често промешување со лажица. Оставете ги да се оладат, па излупете ги од лушпата и сомелете ги. Исто така, сомелете и 150 г бисквити. Можете да купите и веќе печени и лупени лешници, но секогаш проверувајте да не се поминат рок.




Во поголемо тенџере ставете вода, додајте шеќер, маргарин/путер и чоколадо искршено на коцки, па ставете на шпорет и загревајте на умерен оган со постојано мешање додека да се растопи. Од моментот на зовривање оставете уште 2-3 минути, па тргнете од оган.




Во топлата смеса веднаш додајте ги мелените бисквити и лешници, добро промешајте, па оваа смеса оставете ја целосно да излади, најмалку 2-3 часа во фрижидер или ако сакате да го забрзате времето на чекање, во замрзнувач на околу еден час. Не грижете се тоа што врелата смеса ќе изгледа доста ретко и меко. Со ладењето целосно ќе се стегне.




Кога смесата се изладила и стегнала, со лажичка вадете мали парчиња, а со малку навлажните дланки формирајте топчиња. Формираните топчиња редете ги на некоја рамна чинија. Секое топче валајте го во сечканите лешници убаво да се нафати од сите страни.




Во средината со прст или со дршка од дрвена лажица направете мало вдлабнување, така да добиете изглед на гнездо. Вака формираните гнезда ставете ги во фрижидер целосно да стврднат. Потоа полнете ги со фил.




За фил: Загрејте ја слатката павлака, па пред да зоврие тргнете од оган и додајте го чоколадото искршено на коцки. Нека отстои така околу една минута, па со жица добро промешајте додека чоколадото целосно да се растопи.

Ставете го кремот во фрижидер да се излади, па потоа можете да го измиксате, но не мора. Наполнете го шприцот, ставете продолжеток по желба и полнете ги гнездата. Филот можете да го направите и еден ден претходно. Гнездата може да стојат во фрижидер и до неколку денови, тогаш се уште поубави.

Коментар на Виолета Младеновска: „Грешка, 200 г шеќер, 200 мл вода и 150 г маргарин се зоврива, па се додаваат 250 г мелени ореви од кои претходно тргаш 4 лажици настрана за валање, а исто и од 300 г бисквити и од нив се тргаат 4 лажици. Во течноста се става и чоколадо. Потоа се формираат топчиња, се валаат и со прст се прави вдлабнатина, па по желба се декорираат. јас ставам чоколадо. брзи а вкусни, добар апетит!“