Фото и рецепт: Снежанка Жанче
Јас правев поголема количина од 30 кг пиперки, но ќе ви го напишам рецептот за помала количина со ајварски црвени пиперки, но убаво е ако има и по некоја жолта или зелена пиперка.
Потребни состојки:
7 кг пиперки
4 кг кромид, а може и 5 кг
3-4 главици лук
Магдонос
За пресол (се ставаат сите состојки да зоврие):
4 литри вода
1 ½ литар оцет
2 лажици шеќер
1 лажица сол
Постапка:
Пиперките се чистат од семето, се сечат долгнавесто. Кромидот се сече на кругови подебели и лукот се сече на покрупно.
Пресолот да врие, па се ставаат пиперките со кромидот и лукот и така наизменично, да врие едно 5-6 минути. Се вади со цедалка, па се оставаат да се цедат до следниот ден.
Следниот ден ги ставате во вангла и им додавате сенф една и половина тегла 500 г, маслиново масло, а може и обично, магдонос една китка ама само ливчињата, а за сол пробувате.
Се полнат чисти тегли, па одат во рерна на 100 степени само 5 минути. Ги ставате во плех во рерна и тогаш вклучувате, само колку да се затворат добро капаците. Ако претерате ќе се растопи сенфот.