За верниците на Македонската православна црква (МПЦ) првиот ден од постот на Свети Петар се совпаѓа со денот на Свети Вид, на 28 јуни и ќе трае до Петровден, 12 јули.

Петровденскиот пост уште се нарекува и апостолски, а започнува првиот понеделник после Духовденската недела и трае до празникот на светите апостоли Петар и Павле, кои МПЦ ги слави на 12.јули.

Оваа година, Петровденскиот пост е прилично краток – трае точно 14 дена, пишува НМД.мк. Иако суштината на постот не е само храната, сепак Петровденскиот пост е секогаш нешто полесен во таа смисла од Божиќниот, поради изобилството на свежо овошје и зеленчук.

Почетокот на Петровденскиот постот е подвижен, бидејќи зависи од Велигден, а крајот е неподвижен. Поради зависноста на почетокот на овој пост од Велигден, Апостолскиот пост може да трае најкратко една седмица и еден ден, а најмногу шест недели.

Целта на постот, како што велат правилата на верата, не може да се постигне само со воздржување од масна храна, туку и со воздржување од лоши мисли, зборови и дела и со задолжителна молитва.

Отец Тадеј советувал дека секој човек, во секој миг треба да ја има оваа молитва на усните: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“.

Ако оваа молитва ви стане навика, со одреден пост и со верба во Бога, може да ја преобратите и смирите својата душа.

Целта на постот е да се исчистат духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела.

Телесниот пост подразбира воздржување од храна од животинско потекло, што значи од трпезата се тргаат месото, млечните производи и јајцата. Во среда и петок јадењата се на вода, односно се подготвуваат без масло.

Понеделник, вторник и четврток се со масло, а во сабота и недела дозволено е јадење риба.

Поважниот пост – духовниот, според Православната црква, подразбира одрекување од секое зло и грев, воздржување од лоши помисли, зборови и дела, покајание и безрезервна љубов кон Бога и кон луѓето

Востановувањето на Петровденскиот пост се однесува до првите времиња на Православната црква. За Црковното востановување на овој пост се спомнува во Апостолските правила:

„После Педесетница, празнувајте една седмица, а потоа постете; зашто справедливоста бара и да се радуваме по примањето на даровите од Бога, и да постиме после раслабувањето на телото“.