Препознајте ги првите знаци за рак и побарајте помош навремено, бидејќи раната дијагноза е предуслов за сигурно излекување. Важно е да не се игнорираат невообичаените, новите и необјасниви симптоми. Иако и нив може да ги предизвикаат помалку опасните болести, сепак, ако потраат, треба да се појде на лекар и да се направат потребните испитувања.
Отежнато дишење или недостиг на воздух
Еден од првите знаци за рак на бели дробови е неможност за нормално вдишување – се присетиле подоцна луѓето кои заболеле од оваа злокобна болест.
Потешкотии со голтање
Проблемите со голтање најчесто се поврзани со рак на хранопроводникот или рак на грло. Исто така, понекогаш може да биде меѓу првите знаци за рак на бели дробови.
Отечени лимфни јазли или грутчиња
Зголемените лимфни јазли упатуваат на промени во лимфниот систем, што може да биде знак дека во телото се појавил рак.
Претерано појавување на модринки или крвавење кое не престанува
Овие симптоми обично сугерираат дека нешто ненормално се случува со тромбоцитите и црвените крвни клетки – што може да биде знак за леукемија.
Слабост и замор
Појава на постојан умор и слабост е симптом кај повеќе видови рак, па на тоа треба да се гледа во комбинација со други симптоми. Ако постојано се чувствувате исцрпено, без логично објаснување и без разлика на тоа што доста спиете, секако посетете лекар.
Чувство на ситост и губиток на апетитот
И ова може да биде еден од симптомите за рак на јајници. Жените кои го добиле раскажуваат дека не можеле да јадат дури и кога подолг период не внеле ништо во уста.
Болки во карлицата и во стомакот
Болки и грчеви во карлицата и стомакот може да се поврзат со подуеност која е често показател дека станува збор за рак на јајници. Леукемијата, исто така, знае да причини болки во стомакот – поради проширената слезина.
Отекување на лицето или црвенило
Некои пациенти со дијагноза рак на бели дробови, забележале дека лицето им било потечено или необично црвено.
Промени на кожата кои не исчезнуваат
Може да станува збор за различни видови рак на кожа – меланом, карцином на базални клетки и карцином на плочести клетки.
Промени на ноктите
Необјасниви промени на ноктите може да бидат знак за неколку типови на рак. Кафеави или црвени линии, или точка под ноктот – на рак на кожа. Појава на проширен нокт кој се витка кон навнатре понекогаш е показател за рак на бели дробови, додека бледи или бели нокти може да укажуваат на рак на црн дроб.
Болки во грбот или на долната десна страна
Пациентите на кои им бил дијагностициран рак на црн дроб велат дека ова им бил првиот знак. И ракот на дојка се манифестира со болки во грбот, бидејќи туморот може да го притиска градниот кош или да се прошири на ребрата и ’рбетниот столб.