Гинко билоба и ѓумбирот помагаат во случај на астматични и алергиски процеси. Гинкото најчесто се користи во вид на чај или суплемент. Од ѓумбир може да се направи чај, а најдобро е да се комбинира со мед. Во чаша топло млеко додадете лажичка рендан ѓумбир и лажичка мед. Испијте ја мешавината пред спиење.
Билките и билните мешавини можете да ги купите во Билна аптека, а повеќе за истите прочитајте подолу во текстот.
ГИНКО (Ginko biloba, fam. Ginkgoaceae)
Гинко е монотипично дводомно растение и единствен жив примерок од Ginkgoales.
Растението има сива кора, достигнува висина од 35 m и дијаметар од 3-4 m (понекогаш и до 7 m).
Активен дел кој се користи од растението се неговите листови (Ginko bilobae folium). Тие имаат многу интересен и специфичен облик и претставуваат главна препознатлива особеност на ова растение.
Листовите се триаглесто-тркалезни, имаат долга лисна дршка и на врвот се повеќе или помалку поделени на два дела. Нерватурата е васкуларно разгранета. Широки се 6-9 сm, а понекогаш достигнуваат ширина 15-20 сm. Имаат зелена или сиво-жолтеникава боја, горната страна на листот обично е потемна од долната страна. Мирисот е слаб и карактеристичен.
Машките цветови имаат облик на реси со многу прашници и кратки изданоци. На врвовите на кратките изданоци се создаваат висечки соцветија. Женските цветови пак, имаат долга дршка на чиј крај се наоѓаат два семени зачетоци.
Зрелото семе е коштунка, долго околу 3 сm. Семето е обвиено со семена обвивка со многу непријатен мирис, кој потекнува од нејзиниот надворешен меснат слој, а внатрешниот слој е доста тврд.
Листот од гинко содржи широк спектар на фитохемикалии, вклучувајќи алкани, липиди, стероли, бензеноиди, каротеноиди, фенилпропаноиди, јаглени хидрати, флавоноиди и терпеноиди.
Главните конституенси се флавоноидите од кои моно-, ди- и три-гликозиди и естри на кумаринска киселина (флавоноидот камферол и кверцетинот доминираат). Негликозидни бифлавоноиди, катехини и проантоцијанидини се исто така присутни.
Карактеристични конституенси на овој растителен материјал се единствените дитерпенски лактони гинколиди А, B, C, Ј и М и сесквитерпенски лактон билобалид.
Употребата на листот од гинко е поддржана со клинички податоци и опишана во фармакопеи и традиционални системи на лекување.
Чајниот напиток подготвен од сушени листови од гинко се препорачува за подобрување на симтомите на слаба до умерена церебро-васкуларна инсуфициенција (синдром на деменција, примарна дегенеративна деменција, васкуларна деменција и комбинарана форма од двете наведени) со следните симптоми:
-намалена меморија,
-нарушување на концетрацијата,
-состојба на емоционална депресија,
-вртоглавица,
-зуење во ушите и
-главоболка.
Чајниот попарок (инфуз), исто така се препорачува кај пациентите со оклузивна болест на периферните артерии. Овој фармацевтски облик, подготвен од исушени листови од гинко, наоѓа широка примена и за подобрување на симптомите кај нарушување на функцијата на внатрешното уво, како што е тинитус (зуење во ушите), вертиго со васкуларно и иноволутивно потекло.
Освен како еднокомпонентен чај, листот од гинко се комбинира со други лековити билки во разни чајни мешавини. Чајната мешавина која во својот состав содржи лист од гинко со други лековити билки, како корен од бел слез, мајчина душица, лист од бел слез, лист од црн слез, лист од коприва и лист од рузмарин помага за подобрување на функцијата на респираторниот систем.
Билките од оваа мешавина имаат антибактериски и противвоспалителни особини, но содржат и слуз, поради што го олеснуваат искашлувањето, a со тоа и дишењето и ја смируваат сувата кашлица.
Чајната мешавина која во својот состав содржи лист од маточина, корен од глуварче, сладок корен, пасифлора, лист од коприва, ленено семе, лист од нане, калуѓерски бибер, лист од гинко и цимицифуга помага за подобрување на состојбата во климактериум.
Комбинацијата од цимицфуга и калуѓерски бибер помага во намалување на појавата на честите бранови на жештина и на ноќното потење. Останатите билки од мешавината помагаат во регулацијата на хормоналниот статус, го подобруваат метаболизмот и помагаат за подобар сон.
ЃУМБИР (Zingiber officinalis, fam. Zingiberaceae)
Ѓумбирот е зелјесто растение коешто се одгледува исто како и компирот. Потеклото на ѓумбирот е од тропските делови на Азија, но денес се одгледува не само во својата татковина (од Индија до Јапонија) туку и во Западна и Јужна Америка.
Како активен дел од растението ѓумбир се користи ризомот (Zingiberis rhizoma), којшто се состои од олупени или нелупени, сплоснати парчиња со неправилна форма.
Ризомот има изглед на дланка со неправилно чворести прсти. Во целина е долг 8-12 сm, а неговите „прсти“ се долги 3-6 сm, широки 1,5-2 сm, а дебели просечно 1 сm. Сите лежат во иста рамнина и по рабовите се заоблени.
Нелупениот ризом е доста груб под прсти, со пругасто-набрана површина и со сиво-костенлива боја. Олупениот ризом е посветол, има сивкасто бела боја и има рамна површина. Ризомот од ѓумбир е тврд, доста тежок и компактен. На пресек има зрнеста структура, белосивкаста боја, со ретки и нежни влакненца.
Од хемиско фармакопејскиот состав најважни состојки се: етерното масло, смоли, гингерол, скроб и слузи. Аромата на ризомот потекнува од етерното масло, коешто се состои од терпени (д-камфен и бета феландрен), сесквитерпени (зингиберен), цинеол, цитрал и боронеол.
Лутината пак, потекнува од една олеорезина, гингерол, густа, маслена течност со лут вкус, без мирис.
Ѓумбирот е еден од омилените зачини којшто го уживаат милиони луѓе од сите континенти. Најмногу се употребува во кулинарството кај азиските народи. Тој го подобрува апетитот и дигестијата.
Неговата употреба во медицината се должи на карминативното (ги ослободува цревата од гасови) и стимулативното делување. Како луто ароматично средство во фармацевтската индустрија се употребува како коригенс на мирисот и вкусот на непријатните лекови. Во облик на тинктура се препорачува за подобрување на апетитот.
Чајот од сушен корен од ѓумбир се подготвува во облик на декокт. Една супена лажица се прелива со 250 ml вода и се остава да врие 5-10 минути во покриен сад со повремено промешување. По отстојување уште 10 минути се процедува.
Пулверизиран облик на коренот од ѓумбир се подготвува со едноставно мешање на половина кафена лажица од истиот во 250 ml претходно подготвен чај или свежо зовриена вода.
Чајната мешавина којашто во својот состав содржи бабин заб, лист од коприва, корен од женшен, лист од гинко, чичок, пасифлора, кора од цимет и ризом од ѓумбир помага за подобрување на потенцијата кај мажите и кај жените. Ѓумбирот во комбинација со овие билки ја подобрува општата физичка и ментална активност кај човекот и ја забрзува циркулацијата.
Дел од билките во оваа мешавина дејствуваат и како афродизијак. Препорачана дневна доза од оваа мешавина е една до две чаши во текот на денот. Се препорачува употреба на чајот најдолго еден месец, по што треба да следува пауза од две недели. Циклусот може да се повторува. Да не се надминува препорачаната дневна доза.