Фото и рецепт: Верица Николиќ
Овој сируп кој е против сува кашлица (рецептот го добив многу одамна, но досега не ми беше потребен), кога не можете да заспиете и постојано ве “скокотка” по грлото – сакав прво да го испробам, па потоа да го објавам.
Имено, поради сува кашлица неколку ноќи не можев да заспијам. Пиев таблети против кашлица, но ништо не ми помогна.
Кога мојот помлад син почна навечер да си става чепови за уши за да не ме слуша како кашлам, одлучив да го направам овој сируп и да го пробам.
Кашлицата не можеше веднаш како со волшебно стапче да исчезне, веднаш да престане, но третата ноќ откако започнав да го користам, спиев мирно цела ноќ.
Денес е петтиот ден како го пијам и јас практично, веќе не кашлам. Во текот на денот малку ќе се закашлам, ама многу слабо, и не му придавам на тоа никакво значење. Сирупот има пријатен вкус, па ќе испијам целиот.
Потребни состојки:
200 г шеќер
300 мл вода
100 г лимон
1 лажица корен од бел слез
1 лажица сува жалфија
1 лажица сув цвет од камилица
6 мали ловорови листови
1 лажица мед
Постапка:
Прво се приготвува лимонот. Ако не можете да пронајдете органски лимон, тогаш лимонот кој го имате ставете го во воден раствор со сода бикарбона. Во 300 мл вода ставете една полна лажичка сода бикарбона и мешајте додека содата да се раствори.
Потоа потопете го лимонот и оставете да отстои најмалку половина час. Потоа добро исплакнете го под млаз ладна вода.
Шеќерот ставете го во подлабок сад. Садот ставете го на тивок оган и полека мешаје го додека да се карамелизира. Внимавајте да не ви загори зошто ќе горчи. Тргнете го од оган, додадете врела вода и повторно вратете назад. Мешајте на тивок оган додека да се растопи карамелот.
Потоа во течноста која врие ставете корен од бел слез, жалфија, камилица, ловоров лист и лимон исечен на тркалца заедно со кората. Кога смесата ќе проврие варете на умерен оган, поклопено, 5 минути. Тргнете од оган и оставете да излади.
Во ладниот сируп додадете полна лажица мед и мешајте додека медот да се раствори. Сирупот складирајте го во стаклено шишенце и чувајте го во фрижидер. Излегува околу 400 мл сируп.
Употреба:
За возрасни: 3 х 1 лажица, не е врзано со јадење, може пред или после јадење.
За деца: 3 х 1 лажичка
За бебиња над 7 месеци, со консултација на педијатар: 2 х 1 лажичка. Од сирупот за бебиња исфрлете го медот поради можност од алергија.
Сирупот има многу пријатен вкус, се пие додека да почувствувате подобрување. Кај мене тоа беше после третиот ден.
Фото и рецепт: Верица Николиќ