Уште малку и ќе завршиме со зимниците, кој не си направил нека побрза и нека си направи : )
Овој рецепт го објави нашата драга членка Снежана Јанкуловска во групата НМД рецепти, па повелете, искоментирајте и дајте ваши сугестии или ваши рецепти.
Изборот на зеленчукот е одличен, сите намирници изобилуваат со корисни витамини и минерали, а на овој начин тие се „заробуваат“ во теглата.
Туршијата е позната македонска зимница и сите уживаат во неа. За жал, поради присуството на сол, треба да внимаваат единствено лицата што имаат покачен крвен притисок или пред консумирање да ја отсолуваат.
За сите останати, уживајте во својот омилен зеленчук од туршијата, за некого тоа е карфиолот, за друг пиперките, за трет боранијата, за четврт корнишоните, доматите, морковите…
Фото и рецепт: Снежана Јанкуловска
Потребни состојки:
10 литри вода
2 литри алкохолен оцет (или есенција 250 мл)
250 г сол
300 г шеќер
1 винобран
1 конзерванс
2 кесички црн пипер во зрно
1 китка целер
1 китка магдонос
½ кесичка ловоров лист
25 кг зеленчук:
-5 кг морков
-5 кг карфиол
-5 кг корнишони покрупни
-5 кг зелен домат
-5 кг зелени везени благи пиперки
Постапка:
Прво зеленчукот измијте го убаво. Карфиолот исечете го на помали цветчиња. Може да го ставите во вода со сол малку да покисне, па потоа убаво да го исплакнете. Исто така, убаво измијте ги морковите, доматите, пиперките и корнишоните, па доколку сакате исечете ги на помали парчиња.
Од вкупната вода одземете малку, околу 2 литри и ставете во тенџере на оган со солта додека да се растопи. Ова се прави ако користите крупна морска сол. Потоа оставете ја да излади и вратете ја во остатокот од водата. Ако користите ситна сол, нема потреба од овој чекор.
Додајте шеќер и останатите состојки: винобран, конзерванс и есенција или оцет, па убаво промешајте додека тие да се растворат и убаво измешаат.
Потоа во бурето или теглите започнете да го редите зеленчукот, убаво наредете да има подеднаква застапеност, рамномерно, па прелијте со солилото. Ако имате ставете пластична мрежа одозгора за да се потисне зеленчукот. Убаво затворете и оставете во темна и ладна просторија да отстои барем 10-тина дена.
Фото и рецепт: Снежана Јанкуловска