Рецептот беше објавен во нашата група НМД рецепти од нашата драга читателка Фемије Сулејмани. На овој рецепт се надоврза и нашата драга Мирјана Анастасова, чиј предлог можете да го прочитате подолу, како дополнување.

Доколку имате свој начин за приготвување на чорбесто јадење од карфиол, споделете го рецептот во коментари за да ја збогатиме нашата кујна со повеќе идеи за здрави јадења.

Фото и рецепт: Фемије Сулејмани

Потребни состојки:

вода по потреба
1 главица кромид
1 парче пилешко бело месо
околу 400 г карфиол на цветчиња
сол, црн пипер, сув зачин (вегета), ѓумбир и куркума по вкус
3-4 пилешки батаци
2 лажици фиде
2-3 чешниња сечкан лук или по вкус

Постапка:

Во тенџере со зовриена вода се става исечкан кромид, карфиол исечен на цветчиња, зачини по вкус, едно парче бело месо и 3-4 пилешки батаци. Се остава на умерена температура да се вари месото додека да омекне, но да не биде преварено.

Пред самиот крај кога ќе омекне карфиолот, се додава фиде и малку секан лук. Се остава уште малку да вари, па потоа се вади месото на страна. Карфиолот се блендира со рачен миксер или во блендер за да се добие кашеста течност.

Белото месо се дроби на ситни парчиња, па заедно со варените батаци се враќа во кашата. Одозгора се зачинува со црн пипер.

Фото и рецепт: Фемије Сулејмани

ЧОРБА СО КАРФИОЛ

Рецепт на Мирјана Анастасова:

На масло се запржува рендан морков околу 1-2 минути, па се додава вода по желба. Се зачинува со половина лажиче сув зачин (вегета), црн пипер и сол по вкус, па се додава карфиолот исечкан на помали цветчиња.

Се додава малку просо или фиде по желба и се остава да се вари на умерен оган околу 10 минути. Се трга на страна и се додава едно јајце изматено во половина канче кисело млеко. Чорба за мерак.

Рецепт на Мирјана Анастасова