Бевме на гости кога жената на мажот му рече дека треба да оди на пазар да купи зелени домати. Јас не издржав и ја прашав што ќе и се, а таа ми кажа дека прави за зимница зелен домат во масло.
Па рецептот еве го пред вас, јас пробав, нешто превкусно што сум јадела во последно време.
Потребни состојки: 3 кг зелени домати, 500 мл вода, 1 литар оцет 9%, 3 лажици сол, 3-4 лажици шеќер, масло за преливање на доматите и 2-3 главици ситно сечкан лук
Постапка: во длабоко и широко тенџере ставете вода, оцет, сол, шеќер и оставете да зоврие. Доматите измијте ги и исечете на дебели тркалца околу 1 см. Ако се шери или помали, сечете ги на половина за да примат од лукот.
Ставете ги исечените домати во зовриената течност и варете ги само 1 минута или пократко. Не смеат да омекнат многу, туку само да се бланшираат.
Вадете ги со решеткава лажица и ставете ги на цедалка. Направете го истото и со остатокот од доматите.
Не ги ставајте сите домати одеднаш, не го преполнувајте тенџерето, туку ставајте на „рати”, односно на неколку пати, така побрзо и поубаво се бланшираат.
Бланшираните домати ставајте ги во чисти стерилизирани тегли, ред домат, ред ситно сечкан лук и се така додека да се наполни теглата.
Кога ќе ги наполните теглите, налејте ги со масло. Затворете ги сите тегли и оставете ги да се ладат. Потоа чувајте ги заедно со другата зимница.
Напомена: доколку 1:2 ви е многу кисело, тогаш односот меѓу оцетот и водата може да биде и 1:1.
Овој раствор после банширањето се фрла. Во теглите се редат само доматите со лукчето, а се дополнува со масло до врв, да бидат покриени.
Мене ми беше потребно околу 500 мл масло за 6 тегли од 0,5 кг, но тоа многу зависи од самото полнење.
Јас користев масло од репка, пробав и со маслиново, но премногу доминира, а убаво излегува и со обично масло за готвење. Може да се јаде уште следниот ден.