2 ТРИКА за совршена ПИТА-БАКЛАВА СО ЈАБОЛКА…Сочно и економично…Детално објаснет рецепт за почетници…

Класичната баклава со јаболка е преполна со сируп, но во овој случај, питата со јаболка не е премногу слатка, бидејќи во целиот фил има само 2 лажици шеќер кои се додаваат само колку јаболката да го испуштат сокот.

А, остатокот од шеќерот е во сирупот во кој се додава и лимон, така што целиот десерт е навистина освежителен и не е толку сладок како баклавата. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

500 г готови кори
1,5 кг јаболка
2 лажици шеќер
10 г цимет
200 г мелени ореви
150 г путер или маргарин и масло, ако правите посно

За сируп:

400 г шеќер ако се слатки јаболката или 500 г шеќер ако се кисели јаболка
700 мл вода
1 лимон

ПОСТАПКА:

Јаболката излупете ги и изрендајте ги на крупно ренде. Помешајте ги со шеќер и цимет и оставете ги да отстојат 10-тина минути. За тоа време пригответе го сирупот.

Во тенџере сипете вода, додајте шеќер и ставете на средна температура да се вари 7-8 минути. Потоа додајте лимон исечкан на прстени и оставете да се вари уште 2-3 минути. Добиениот сируп тргнете го од оган и оставете го да се излади.

Отворете ги корите и врз нив ставете кружен плех од 28 до 30 см, а потоа со нож исцртајте околу него круг и потоа исечете, да добиете кружни кори. Остатоците ќе се искористат за внатрешниот дел од питата.

Три кори тргнете настрана и ставете ги во кеса за да не се сушат, а подоцна ќе се искористат за горниот дел.

Растопете го путерот.

Плехот за печење намачкајте го со четка и врз него ставете ја првата кора, попрскајте ја со путер, поклопете со втора кора, па и неа испрскајте ја со маснотија.

Врз третата кора ставете 2-3 лажици фил од јаболка и премачкајте ја по целата површина. Потоа посипете со 2-3 лажици мелени ореви.

Потоа продолжете го редењето: две кори, па фил од јаболка и ореви. Користете ги и исечените делови и исто така попрскувајте ги со маснотија. Ако случајно ви недостига фил слободно изрендајте уште едно јаболко, нема да се промени вкусот воопшто…

Завршете со трите кори, секоја премачкана со маснотија. Потоа целата пита исечете ја на коцки, ромбови или триаголници.

Загрејте ја рерната на 180 степени.

Пред печењето натопете парче хартија за печење и стуткајте го за да омекне, па префрлете го преку питата и печете ја 30 минути, па извадете ја хартијата и печете ја уште 20 минути.

Хартијата служи да не ни потемни питата и да не се подигне и да се одвои горната кора. Топлата пита прелијте ја со изладениот сируп, но оставете малку од сирупот, т.е. не го истурајте веднаш сиот.

Повторно натопете парче хартија и ставете го одозгора, па притиснете со помала тепсија одозгора и вака оставете 10 минути. Потоа отворете ја и додајте го остатокот од сирупот. Пред послужување добро изладете ја. Постапката погледнете ја ОВДЕ.