Легендарната чоколадна торта, за некои луѓе најдобрата: прво Реформ, па се’ останато…

Иако во нејзиниот рецепт нема многу состојки, нејзиниот вкус е карактеристичен и интензивен.

Потребни состојки:

16 белки

400 г шеќер

400 г ореви

3 лажици остро брашно

За крем:

16 жолчки

15 лажици шеќер

150 г чоколадо

250 г путер

200 г шеќер во прав

3 лажици турско кафе

Постапка:

Прво изматете ги белките со шеќер, потоа додадете мелени ореви и брашно, па измешајте со лажица. Смесата поделете ја на 4 еднакви делови. Секој дел испечете го околу 10-15 минути (во зависност од рерната) на 180 степени. За печење користете калап за торти 28 см, односно плех 30х22 см.

Ако сте вешти во сечење кори, постапката можете да ја скратете на половина, така што од приготвената смеса испечете две кори, па пресечете ги хоризонтално, така што од двете кори ќе добиете четири.

Додека се пече едната кора, смесата за преостанатите чувајте ја во фрижидер.

За крем: прво изматете ги жолчките и шеќерот. Во смесата додадете искршено црно чоколадо и заедно гответе на пареа. Гответе додека чоколадото се растопи и сето добро изматете го додека да се изедначи. Тргнете од оган и додадете го кафето.

Кога смесата ќе излади додадете пенасто изматен путер со шеќер во прав, па сето заедно добро измешајте го. (Внимавајте: путерот и шеќерот во прав треба многу добро да бидат изматени).

Завршна постапка: редете – кора, крем, кора – крем … со тоа што на последната кора одозгора ја премачкувате со тенок слој крем, па ја премачкувате тортата и од страните.

Украсете по желба: можете да ставите чоколадна глазура или шлаг, или едноставно наросете со сечкани лешници, чоколадни трошки…