Оваа пита многу брзо се подготвува, лесна е, а многу вкусна. Рецептот е нов, но има многу слични рецепти за подготовка на пита со тиквички. Сезоната на тиквичките искористете ја максимално, така што ќе подготвувате најразлични оброци со нив. Тиквичките се одлични за губење на тежината, содржат многу нутриенти, но со нив се подготвуваат и многу вкусни оброци.
Во нашата архива може да пронајдете многу вкусни оброци со тиквички, од ќофтиња од тиквички, плескавици од тиквички, стапчиња од тиквички, похувани тиквички итн.. Ви предлагаме да го пробате овој лесен рецепт за тенка пита со тиквички која се подготвува за 10 минути, а потоа се става на печење. Кога ви треба брз ручек или предјадење, ова е одличен избор.
„Питата ја печам во калап со средна големина, но доколку јадењето е наменето за повеќе луѓе ви препорачувам да се дуплираат количините и да се пече во поголем калап. Рецептот е едноставен, а изгледа примамливо и вкусно, може да се прави на повеќе начини, но ова е многу добро,“ вели Бојана од каналот „Бокина Кујна,“ која го претстави овој рецепт.
Подгответе го ова повеќенаменско предјадење кое може да се подготви како ручек, вечера или предјадење за гостите. Питата се сече на триаголни парчиња, како пица и изгледа многу декоративно. Се подготвува од една тиквичка, која треба да биде со средна големина. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 тиквичка со средна големина, 2 јајца, 2 рамни лажички сол, црн пипер по вкус, 1 млад кромид сечкан, 2 чешниња на лук, 5 лажици брашно (сенаменско тип 400). Калапот за печење е обложен со хартија за печење, а од страните е подмачкан со масло.
ПОСТАПКА: Тиквицата се сече од страните, кај дршката и долниот дел на тенко. Претходно добро измијте ја под млаз ладна вода, исушете ја, па изрендајте ја на крупната страна од рендето. Кога целата ќе ја изрендате ќе добиете голема количина која треба да ја пренесете во подлабок сад.
Малку посолете со 2 лажички сол и оставете да отстои 15-тина минути додека тиквичките да испуштат течност, која треба да се процеди. Кога ќе ги процедите, пренесете ги во друг подлабок сад. Запиперете по вкус, па настрана исечкајте 1 перце млад кромид на ситно.
Додајте го во тиквичките. Потоа, поминете низ преса 2 чешниња лук и додајте ги во останатите намирници во садот. Скршете две јајца и додајте ги во смесата од тиквици. Промешајте со лажица додека да добиете изедначена смеса. На крајот започнете да го додавате брашното постепено додека да се изедначи во смесата.
Едноличната смеса излејте ја во калапот, распоредете ја и одозгора наросете ја со сусам. Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени, па печете ја питата околу 40-тина минути, со повремено проверување да не ви загори, бидејќи е тенка. Деталите погледнете ги ОВДЕ.