Тиквичките се одличен брз ручек кога сакате да подготвите нешто вкусно, а сепак да не потрошите многу време во кујната. Може да ги подготвувате како предјадење, прилог или главно јадење. Во топлите денови, тиквичките се одлично и лесно јадење, а највкусни се доколку се искомбинираат со некоја свежа салата.

Следниот рецепт го имам веќе неколку месеци и можам да кажам дека е еден од највкусните досега. Сите мои пријателки знаат да похуваат тиквички, но постојано го бараат мојот рецепт. Тиквичките излегуваат крцкави однадвор, а меки однатре. Изгледаат многу декоративно на секоја трпеза и не се многу масни. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 тиквички или по потреба, сол и црн пипер, 100 г кашкавал по ваш избор, 1 лажичка магдонос, 1 лажичка црвена зачинска пиперка, 3 јајца, 100 г презла, 50 г брашно и малку масло за пржење на тиквичките.

ПОСТАПКА: Тиквичките добро измијте ги и исушете ги пред да започнете со нивната подготовка. Со виљушка направете жлебови по целата должина на тиквицата. Пресечете ги двата врвови од секоја тиквица и исечете на тенки листови (кај жлебовите). На истиот начин подгответе ја и втората тиквица или доколку подготвувате повеќе тиквици, подгответе ги на истиот начин.

Пренесете ги тиквиците во подлабок сад и посолете и запиперете ги. Со раце измешајте ги за да се распореди солта и црниот пипер и оставете ги да отстојат 15-20 минути. За тоа време, подгответе ги состојките за похување. Изрендајте го кашкавалот (користете било каков кашкавал по ваш избор), додајте 1 лажичка ситно сечкан магдонос (сув или свеж), 1 лажица црвена зачинска пиперка и 3 јајца.

Измешајте ги состојките додека да се формира густа смеса која лесно ќе се развлева, треба да изгледа кашеста. Во друга чинија измешајте ја презлата со брашното. Подгответе си тавче за пржење, во кое ќе загреете малку масло. По отстојување на тиквиците, валкајте ги прво во мешавината од презла и брашно, а потоа во смесата од јајца и кашкавал.

Секоја тиквица треба добро да се натопи во смесата, па директно префрлете ја во тавчето со загреано масло. Пржете ги тиквиците колку што ви собира во тавчето (кај мене собира по 3). Пржете поклопено со капак на средна температура 4-5 минут, па потоа свртете ги и пржете поклопено на тивок оган 5 минути.

На овој начин подгответе ги сите тиквици, а кога ќе се испржат редете ги на чинија со салфетка, за малку да се исцедат. Вака подготвените тиквици послужете ги со свежа салата. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.