Рецепт и видео презентација на ТВ Гурман – Вкусен ролат со зеленчук.

Во продолжение можете да прочитате два рецепти за приготвување на ролати од зеленчук филувани со шунка и кашкавал. Вториот рецепт е можеби и повкусен, бидејќи кората се премачкува со крем сирење кое дополнително го збогатува вкусот. Она што е интересно кај овие ролати е тоа што се приготвуваат од рендан сиров зеленчук, а за нивно поврзување се додаваат јајца.

Потребни состојки:

5 јајца, 1 главица кромид, 250 г компир, 250 г морков, 100 г брашно, ½ лажичка сол, ½ лажичка црн пипер. За фил: 200 г шунка, 200 г кашкавал, 20 г зачини.

Постапка:

Во подлабок сад ставете 5 јајца, половина лажичка црн пипер во прав, половина лажичка сол и изматете со маталка. Потоа додадете 100 г брашно, па убаво со маталката изедначете ја смесата да нема грутчиња.

Компирот измијте го излупете го, а потоа изрендајте го и додадете го во смесата од јајца. Една главица кромид исчистете ја и исечкајте ја што поситно, па исто така додадете ја во смесата.

Убаво со лажица промешајте додека да се изедначат состојките. На крај исчистете ги морковите, па и нив изрендајте ги и додадете ги во претходната смеса. Повторно промешајте.

Плех со димензии 30х30 см обложете го со хартија, па во него излејте ја смесата од зеленчук и израмнете. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу половина час.

Печената кора извадете ја заедно со хартијата, па врз неа наредете кашкавал исечен на тенки листови (2/3 од површината на кората) и одозгора наросете свеж зачин по вкус, па наредете сечкана шунка.

Со помош на хартијата свиткајте го ролатот, а ролатот во хартијата и вака завиткан вратете го рерната и печете го 10 минути на 180 степени.

БОНУС РЕЦЕПТ: Изрендајте три компири со средна големина, три поголеми моркови, додадете две јајца, половина лажичка сол, малку црн пипер, една помала главица кромид ситно сечкана, 20 г младо кромитче ситно сечкано и сето тоа убаво измешајте го.

Смесата рамномерно распоредете ја во плех со димензии 30х15 см претходно обложен со хартија и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, половина час.

Од печената кора отстранете ја хартијата и преку цела површина премачкјате ја со 50 г крем сирење. Потоа наредете 50 г листови од шунка, а потоа уште 100 г крем сирење убаво распоредете и преку шунката.

Со помош на хартија завиткајте го ролатот и пренесете го во долгнавест калап. Одозгора наросете го со рендан кашкавал и вратете да се допече во рерна уште 10 минути на 180 степени. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.