За 10 минути се изеде тортата, немав време да направам повеќе фотографии – една од најубавите торти што се топи во уста! Мора да ја пробате, корите се само од снег од белки, немам зборови со кои би го опишала вкусот.

Потребни состојки за кора: 12 белки, 250 г шеќер, 1 лажица оцет.

За крем: 12 жолчки, 8 лажици шеќер, 5 лажици густин, 600 мл млеко, 250 г путер, 4 лажици изматена шлаг пена (од вкупниот шлаг се одзема), 300 г пропржени и крупно мелени ореви или лешници, 100 г рендано чоколадо за готвење

И уште: 4 шлаг пени (или 1 литар Хопла) и 500 мл минерална вода

Напомена: Многу е важно пред да започнете да со подготовка, да ги извадите јајцата од фрижидер, да бидат на собна температура.

Постапка: белките изматете ги во цврст снег, па постепено додавајте го шеќерот и матете додека да се растопи (вкупно околу половина час се мати).

Ако не се растопи добро шеќерот, во текот на печењето ќе се топи и кората ќе биде мека а не крцкава. А може шеќерот да го сомелите па да ја скратите постапката на миксање. При крај додадете една лажица оцет, а може и лимонов сок.

Големиот плех од рерна намастете го и обложете го со хартија за печење. И врз хартијата капнете 2-3 капки масло за да може кората полесно да се одвои. Излејте го снегот од белки, израмнете и ставете во претходно загреана рерна на 150 степени.

Печете еден час или додека кората да зацврсти добро. Исклучете ја рерната и подотворете ја вратничката (ставете дрвена лажица) од рерната. Кога ќе излади пресечете ја надолжно на два дела.

За крем: изматете ги жолчките со шеќер, па додајте густин и матете во некој сад кој може да го ставите на рингла. Помалку додавајте врело млеко и постојано мешајте.

Ставете на тивок оган и варете со постојано мешање додека кремот да згусне. Во изладениот крем додадете добро изматен путер (претходно изматете го додека да помели). Соединете ги добро.

Изматете 4 шлаг пени со минерална вода. Од шлагот одземете 4 лажици и додадете ги во кремот. Потоа кремот поделете го на 2 дела. Едниот дел оставете го каков што е, а во вториот додадете крупно мелени ореви или лешници (со лешници има посебен вкус) и ситно рендано чоколадо.

Редење: кора – темен крем – жолт крем – кора – темен крем – жолт крем. Одозгора премачкајте со изматениот шлаг и наросете со крупно сечкани ореви или лешници.