Рецепт и видео презентација на Драгана од “Направи сама – Идеи за креативци” – Вртлог пита, најкремастата пита со ванила и вишни, без купечки кори, мора да ја пробате. најубавата и најкремастата пита -колач со крем од ванила и вишни. Питата е совршена, верувам дека ќе ве воодушеви.

Потребни состојки за кора: 300 г остро брашно тип 400  Sentella (наменско за кекси, торти и колачи), 1 прстофат сол, 2 јајца, 70 г шеќер, 1 лажичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер, рендана кора од еден лимон, 100 г путер или маргарин за колачи.

Потребни состојки за крем: 2 жолчки, 70 г шеќер, 40 г густин, 1 лажица екстракт од ванила, 500 мл млеко. Ќе ви биде потребно уште: шеќер во прав за наросување и неколку замрзнати вишни исчистени од семки или пак, може да ги искористите и оние од компот.

Постапка: Измерете го брашното и истресете го врз работна површина, па додадете еден прстофат сол. Додадете и една лажичка прашок за печиво и промешајте го брашното за да се распореди рамномерно. Потоа направете мало вдлабнување во кое ќе ги ставите останатите состојките.

Во вдлабнатината и околу неа распоредете го шеќерот и ванилин шеќерот, промешајте малку па додадете две цели јајца, претходно отстојани барем еден час на собна температура. Сто грама путер или маргарин, исто така отстојан на собна температура, поделете го на ситни парчиња.

Можете да го кинете и со раце, а парчињата путер да ги наредите околу “бунарот” во брашното. На крај одозгора изрендајте и кора од еден лимон кој претходно добро сте го измиле и сте го истретирале со сода бикарбона, доколку не бил органски одгледуван.

Кората од лимон дава одличен освежителен вкус кој совршено си одговара со вкусот на ванилиниот крем и вишните (наместо вишни може да користите јагоди, малини или какво овошје имате). Најпрво со виљушка разматете ги јајцата во брашното, да се соединат.

Потоа, целата содржина од краевите зафаќајте ја со прстите и префрлувајте ја кон средината и постепено замесесувајте ја смесата. На почетокот можеби ќе ви се чини дека има премногу брашно, но вие само продолжете со месењето и на крај ќе добиете убаво тесто.

Верувајте, нема да ви остане ниту една трошка брашно, тестото сето тоа ќе го впие. На крај ќе добиете меко и ровко тесто кое не се лепи и многу лесно се обликува. Вака измесеното тесто свиткајте го во проѕирна фолија и ставете го во фрижидер да одмори половина час.

За тоа време може да се приготви ванилин кремот: Во тенџере ставете две жолчки и додадете и 70 г шеќер, па убаво изматете ги со жица-маталка. Матете неколку минути додека да се растопи шеќерот. Потоа додадете 40 г густин (пченкарен скоб / нишесте) и промешајте.

Во смесата додадете и една лажица екстракт од ванила. Доколку немате течен екстракт од ванила, тогаш намалете ја малку количината на шеќер и додадете ванилин шеќер од кесичка (една или две кесички). Додека ја мешате смесата постепено додадете и половина литар млеко.

Потоа тенџерето ставете го на умерен ога, а смесата мешајте ја постојано додека да се свари и згусне. Мешајте континуирано и внимавајте да не ви загори. Кога смесата ќе зоврие намалете ја температурата и мешајте уште една или две минути.

Кога е готов кремот тој треба да има густина на пудинг. За полесно и побрзо да се олади кремот излејте го врз широка чинија. Оставете неколку минути да подизлади, па покријте го со проѕирна фолија и ставете го во фрижидер за убаво и целосно да се олади.

За 10-тина минути кремот би требало да е готов за користење. За тоа време развлечете го тестото. Извадете го од фрижидер, отстранете ја проѕирната фолија, малку наросете го со брашно и со помош на оклагија развлечете го врз набрашнета работна површина за да не ви лепи.

Формирајте правоаголна кора и исечете ги краевите за да добиете рамни страни. Краевите можете да ги надоврзете на едната страна и да ги натапкате со прстите за да се залепат за тестото и да добиете подолга кора. На крај поминете уште еднаш со оклагија за да се израмни кората.

Потоа преку цела површина нанесете од ванилиниот крем, но го ставајте целиот туку само нешто повеќе од половина околу две третини, а остатокот сочувајте го за подоцна, за декорација. Кремот рамномерно распоредете го и израмнете го.

Вака премачканата кора пресечете ја на три еднакви по широчина ленти, а доколку потенко сте ја развлекле, тогаш кората можете да ја исечете и на четири ленти. Потоа започнете да ја виткате првата ролничка. Доколку имате шпатула, помагајте си со неа, полесно оди виткањето.

Земете ја ролничката и ставете ја врз едниот крај на втората лента, па надоврзете ги и продолжете го виткањето. Ќе добиете поголема ролна. не грижете се ако малку фил ви истече од страните, тоа е нормално. Повторете ја постапката и ролната надоврзете ја со третата лента.

Вака свитканата голема ролна ставете ја во садот или калапот каде ќе се пече, претходно обложен со хартија за печење. Белките кои ги сочувавте малку изматете ги, па со помош на силиконска четка премачкајте го целиот колач, од сите страни.

Потоа ставете го колачот да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 30-35 минути. печениот колач извадете го од рерна и оставете го малку да подизлади, а потоа декорирајте го. Ванилин кремот ставете го во шприц, па нанесете го одозгора.

Можете да го ставите и во слаткарска кеса, па да го нанесете како спирална лента започнувајќи од центарот, па кон краевите. одозгора наросете го со шеќер во прав и декорирајте го неколку вишни. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.