“Денеска се дружиме со Ирена Здравеска, една од поактивните членки во нашата група. Ја прашавме неколку прашања за да дознаеме повеќе за нејзините специјалитети и превкуснотии кои често ги споделува со нас” – вели Кристина Бошнакова, една од админките на групата “Храна и рецепти”.
“Ни откри дека љубовта за готвењето ја наследила од нејзината свекрва која го прави највкусниот леб, па едно големо браво за добрата свекрва. На прашањето кое е нејзиното прво пригответо јадење ни одговори дека е пита со спанаќ и праз и воедно и омиленото јадење на целото семејство.
Неуспешно јадење има секој од нас, а Ирена ни откри дека морала да фрли цела торта бидејќи не излегла баш како што планирала, веројатно фб бил виновен за тоа. Стигнавме до прашањето дали има готвено за некоја славна личност па ми одговори дека најголемо задоволство е кога готви за фамилијата и не би го сменила тоа, а исто им помага и на сосетките кога имаат потреба.
И за крај ни кажа дека купечките производи воопшто не и се приоритет, па секогаш се држи на домашно приготвени работи. Ирена е домаќинка која готви со љубов и вложува труд сите нејзини рецепти да ги сподели со сите нас и тоа на youtube каналoт Mojakujna recepti.
Во прилог ќе ви споделиме рецепт од нејзиното омилено јадење кое што го испробав и ви гарантирам дека е превкусно, а вие не заборавајте да ја подржите и да се претплатите на нејзиниот канал и да бидете во тек со сите нови видеа” – срдечна поддршка од Кристина.
Потребни состојки: 2 кг брашно, 20 г квасец, 1 лажица сол, млака вода за замесување на тестото. Масло или растопен путер за премачкување на корите, урда или ситно ситно сирење за филување на питата. Од оваа количина излегуваат две големи тепсии.
Постапка: Во подлабок сад ставете 2 килограми брашно, во средината направете бунарче и во него издробете половина коцка квасец. Во брашното додадете една лажица сол и малку млака вода во вдлабнатината за полесно да се раствори квасецот.
Потоа продолжете со постепено додавање на водата и месете со рака додека да добиете убаво мазно и меко тесто кое сосем малку се лепи за рака. По потреба во текот на месењето наросувајте малку брашно. Тестото не треба да го оставате да стасува.
Доволно е да го покриете и да го оставите 5-10 минути, колку да одмори, без да го зголемува својот волумен. Потоа тестото истресете го на набрашнета работна површина и поделете го на 8 еднакви делови. Секој дел премесете го и формирајте топче.
Потоа земете едно топче и развлечете го во тенка кора, па преку целата површина намастете го со масло или растопен путер. Користете силиконска четка за полесно премачкување. Кората преклопете ја и оставете ја на страна. Продолжете ја постапката и со останатите топчиња на истиот начин.
За тегнење на корите потребна ви е маса со слободен пристап од сите маси. Поставете чист памучен чаршав врз масата кој ќе го користите за оваа намена – тегнење на корите. Земете ја првата намастена кора и малку развлечете ја со дланките колку што можете.
Потоа поставете ја врз чаршавот и започнете внимателно да ја тегнете кората од сите страни, внимавајќи да не ви се искине (и да се случи такво нешто, не е ништо страшно). На крај кога ќе ја истегнете кората преку целата маса, отстранете ги оние задебелени краеви што висат.
Ставете урда по крај краевите долж подолгата страна од масата (од двата краја), одозгора наросете масло, па со помош на чаршавот, подигнувајќи го свиткајте тенка ролничка од едната страна, до половина на кората. Потоа завртете се на другата страна и повторете ја постапката.
Ќе добиете две тенки ролнички кои се среќаваат на средината од масата. Пресечете ги за ги одделите, па исечете ги и краевите доколку не се правилни. Во намастена тепсија започнете ги да редите во круг, започнувајќи од средината како полжав, а потоа секоја следна надоврзувајте ја на претходната.
Истата постапка продолжете ја и со останатите кори додека да ја исполните тепсијата. На крај питата исечете ја четвртини и одозгора наросете ја со масло. Питата ставете ја да се пече во добро загреана рерна на 220 – 200 степени или според вашата рерна и печете додека убаво да зарумени. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.