Од сите симптоми на стареење, фините линии и брчките се особено тешки за третирање. Фините линии на лицето всушност се рани знаци на формирање на брчки. Тоа се мали набори на кожата кои обично се јавуваат на најекспресивните делови на лицето, околу очите, усните и челото.

Како што старееме, природната еластичност на кожата се намалува, а како резултат на тоа фините линии тешко се враќаат во својата првобитна положба.

Модерниот пазар ни нуди бројни козметички препарати и креми кои спречуваат појава на овие несакани линии. Иако кремите даваат видливи резултати, сепак по некое време кожата се навикнува на нив и потребно е да користите појака концентрација од состојките за да имате повторно видливи резултати.

Таков случај е ретинолот, кој е дериват на витаминот А и според новите препораки на дерматолозите, ретинолот се покажал како одлична комбинација на справување со фините линии и брчките.

Нормалниот процес на регенерација на клетките на кожата се случува на 28 дена. Со примена на ретиналдехид, овој процес се скратува на 14 дена, а со самото тоа се забрзува регенерацијата на клетките на лицевата кожа и се намалуваат видливите неправилности.

Ретинолот ја подобрува текстурата на кожата, помага во чистењето на порите, ја зголемува продукцијата на колаген и со тоа се намалува појавата на брчки. Но, ретинолот треба да се користи на еден и единствен начин за да ги покаже неговите позитивни ефекти – во спротивно може да предизвика драстично сушење на кожата, иритација и црвенило.

Ретинолот никогаш не треба да се меша со состојки како бензоил пероксид (одлична состојка против акни), витамин Ц и АНА и БНА киселини. Сите овие состојки се одлични во третирање и одржување на здравиот изглед на кожата, но не ги комбинирајте заедно и користете ги посебно во утринската и вечерната рутина.

Доколку ги комбинирате некои од овие состојки во еден третман во дневната рутина за кожа, може да настане бурна реакција и наместо да се искористат бенефитите од секоја состојка, настанува нус појава предизвикана со непријатни симптоми која дополнително ја дехидрира кожата.

Кожата треба да е постојано хидрирана кога станува збор за одржување на здравиот изглед. Пијте многу вода во текот на денот, а кремите и препаратите нека бидат втора опција за зачувување на младиот изглед на кожата.

Хијалуронската киселина е одличен хидрататор на кожата и таа може да се комбинира со претходно споменатите состојки. Хијалуронската киселина треба да биде базата на дневната рутина за нега на кожа и најчесто се користи во форма на гел или пена за миење на лице.

Но, дерматолозите препорачуваат интересен трик во борбата со фините линии и брчките. Се верува дека рачната масажа дава огромна предност пред скапите креми. Оваа масажа нема да ве чини ништо, а може да ја практикувате во било кое време од денот, колку пати сакате, а ефектите со сигурност се видливи.

Кога редовно ги стимулирате мускулите со одредени движења, тие со текот на времето се затегнуваат и стануваат поцврсти, а со самото тоа и брчките стануваат помалку видливи.

Наспроти тоа, циркулацијата на лицето се зголемува, а тоа ќе го забележите по појавата на црвенило после масажата и верувајте доколку вашето лице е црвено после масажа вие сте направиле одличен третман во борбата против брчките.

Докажано е дека масажата навистина може да го трансформира целиот изглед на лицето, само доколку бидете упорни и редовно ја применувате оваа техника за подмладување.

Веруваме дека ова нема да ви предивика потешкотија, бидејќи потребно е да издвоите само 5 минути од вашето време. За да добиете квалитетна масажа не е потребно да одите кај професионалец. Одлични резултати можете да добиете и дома.

Дерматолозите препорачуваат дека масажата на лицето е најдобро да се изведува наутро или во попладневните часови, но не е штетно доколку ја правите и пред да заспиете. Масажата само дополнително ќе ве опушти, а ќе добиете и квалитетен сон.

Абигал Џејмс, која е позната како жената која го има најмладешкиот изглед, на својот јутјуб канал секојдневно покажува по некоја нова техника на масажа на лицето. Таа вели дека масажата е неопходна за одржување на здравиот изглед на кожата, а се изведува толку лесно што може да ја направите додека гледате филм, одмарате па дури и додека чекате во кујната за ручекот да се зготви.

Денес ви ја претставуваме техниката за намалување на фините линии и брчки околу устата. Абигал советува дека ниедна техника не е погрешна или неправилна се додека ја стимулирате циркулацијата на кожата.

За масажата може да го користите кое било масло кое е вклучено во вашата дневна рутина. Количината на маслото доволно е да биде мала, затоа што сепак тоа е мрсно. Доколку имате широки пори и маслото се впие во кожата после неколку минути, нема да штети доколку ставите уште малку масло. Напротив, тоа само ќе ја омекне вашата кожа.

Најпрво маслото размачкајте го на вашите дланки и меѓу прстите, а потоа со благи движења натапкајте на регијата која ја масирате. Започнете да правите мали кружни движења околу устата со двете дланки. Ова е само загревање на кожата, а масажата тек започнува.

Истовремено користете ги двете дланки додека масирате. Направете малку поголем притисок и поткренете ја виснатата кожа накај образите како лифтинг. Задржете неколку секунди и повторете ја постапката два до трипати.

За масажата да биде успешна, прво фокусирајте се на едната страна од лицето, а потоа на другата. Показалците ставете ги на средината на фините линии од едната страна на лицето и започнете со благ приситок нежно оддалечувајќи ги прстите еден од друг со нежно лизгање по кожата. Истото повторете го и на другата страна.

Потоа со палците кои треба да ви бидат претходно измиени ставете ги во устата над горните заби. Палците треба да бидат помеѓу горните заби и кожата на горната усна. Со останатите прсти правете лесни движења нанапред додека со палците ја истегнувате кожата.

Истата постапка повторете ја неколку пати, а потоа повторете го истиот процес на долната уста и од двете страни. Исто така потребно е да се фокусирате на аглите на усните, така што ќе правите нежни кружни движења околу нив.

За дополнително да ги зацрврстите мускулите на лицето, повторувајте ја оваа постапка секојдневно. На крајот завршете со нежни палпации со прстите по целата површина која ја масиравте. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

Како да ја сочувате вашата кожа во студените денови?

Студот, ветерот и греењето го сушат и го оштетуваат епидермисот (површинскиот слој на кожата). Греењето ја отстранува малата влажност во овој период од годината и ја суши нашата кожа. Истата, во контакт со студот надвор, може да стане рапава, сува, и да се појават пукнатини.

За среќа, постојат природни решенија за да се одржи кожата хидрирана и здрава во текот на целата зима:

Одржувајње на влажноста на воздухот дома

Нема потреба да купувате навлажнувачи, едноставно под радијаторот можеме да поставиме сад (отпорен на топлина) исполнет со вода. Топлината предизвикува испарување на водата и го зголемува нивото на влажноста во вашиот дом.

Туширање со млака, а не со топла вода

Премногу топла вода ги оштетува заштитните слоеви на кожата. Иако многумина сакаат да го претвораат тушот во сауна, млаката вода е поздрава за кожата.

Пилинг

Доволно е да се протрие телото со влажна фротирна ракавица, морски сунѓер или четка (не силно) освен лицето и градите чија кожа е понежна. На овој начин помагаме во елиминирање на мртвите клетки.

Исто така, постојат креми за пилинг или домашни лекови, како на пример една рака од крупна сол комбинирана со маслиново масло и неколку капки од есенцијално масло, кои можат да послужат како добар третман на вашата кожа.

Деликатно сушење

Бришењето треба да биде без употреба на сила. Но за да се стимулира протокот на крв, најдобро е да примените тапкање за да ја впиете влагата.

Хидратација

Најдобро е да се нанесува хидратантна крема на сеуште влажна кожа, бидејќи така кожата ќе остане хидрирана подолго.

Балансирана исхрана

Пиење доволно вода, јадење здраво, вклучувајќи големи количини на свежо овошје и зеленчук, елиминирање на индустриските преработки (колачиња, сувомесно …), намалување на внесот на белиот шеќер или негова замена со шеќер од трска / меласа или други природни засладувачи, како и замена на рафинираните производи со цело зрнести, се дел од советите важни за општо здравје и здравјето на вашата кожа.

Лицето, усните и рацете се деловите од телото кои страдаат најмногу од лошите временски услови, бидејќи се целосно изложени, и на нив треба да им посветиме посебно внимание за нивна заштита.

Важно е чистење со соодветен сапун или млеко за чистење. Чистењето на лицето се прави наутро и навечер. Наутро бидејќи во текот на целата ноќ кожата се поти и порите лачат токсини, а навечер за да се елиминира прашината која се лепи во текот на денот, дури и ако не носиме шминка.

Ова чистење може да се надополни со пилинг и маска најмалку еднаш неделно. Експертите препорачуваат професионално чистење на кожата два до три пати годишно. Хидратацијата со добар крем е исто така неопходна.

За секојдневна заштита можете да нанесете заштита за усни која хидрира и штити од сончевите зраци. Може да користите заштитата од шеа путер или какао, бадемово масло, или алое вера.

Во овој период од годината дерматитисот кој се појавува на задниот дел од рацете е честа причина за консултации со дерматолог. Ова појава е особено е честа кај луѓето кои поради своите работни обврски постојано ги мијат и ги чистат рацете. За да се избегне ова, треба да се носат ракавици и природни креми или масла за заштита на кожата на рацете. Истите се препорачува да се користат навечер пред спиење.

Сите овие совети се применливи и за жените и за мажите. Времето кога мажите ја запоставуваа нивната нега на лицето, сега се веќе минaто. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.