Фото и рецепт: Нада Танковиќ

Кога бев во Австрија го научив овој рецепт. Таму секоја куќа ја произведува оваа маст токму за скијачите, да можат да си помогнат и себеси при воспаление на мускулите и спортски повреди.

Оваа лековита маст има широк спектар на делување. Се користи за сите можни надворешни тегоби. Јас ја испробав за болки во зглобови, особено на рацете, за зараснување на рани и херпеси. Не можам да ви опишам како ја негува кожата на рацете и стапалата, ја прави мека и свиленкаста.

Потребни состојки: 3 дела маслиново масло, 1 дел смола од смрека/бор, 1 дел пчелин восок

Постапка: На водена пареа се загрева маслиново масло, па постепено во него се растопува смолата. Кога ќе се растопи ја процедувам смесата низ густо сито или газа за да се отстранат делчиња од кората или мали иглички.

Потоа се враќа повторно на водена пареа, па се додава пчелин восок. Кога ќе се растопи и восокот тогаш маста или кремот е готов. Восокот главно се става за да добие кремот/маста цврстина.

Наместо масло може да користите половина чиста свинска маст + половина јагнешки или јарешки лој и тогаш нема потреба од пчелин восок за цврстина. Кремот е добар и на собна температура. Може да се додадат и неколку капки етерично масло од лаванда или некое масло по ваш вкус.

Инаку, јарешкиот лој е најкомпатибилен за човековата кожа, а пак пчелиниот восок обилува со витаминот А кој помага во зараснување на рани и исто така, е благотворен за кожата. Секој си одлучува за комбинацијата што ќе ја користи.

Смолата од бор и смрека ја собирам преку цела година во тегла и ја чувам во фрижидер. Додека шетам низ шумите, каде и да наидам на рането дрво, има и смола. Јас си носам со мене сад и шпакла. Оштетеното дрво лачи смола за да ја зацели својата рана, па малку земам, но му оставам и на него.

Мелемот од смрекина/борова смола се користи кај: кожни тегоби, испукана кожа, красти, осипи, поткожни чиреви, габични инфекции, лишаи, жуљеви, болка во мускули, реума, гихт, артритис, спортски повреди, повреди од удар, поттикнува циркулација, природен антисептик, антибактерик, антибиотик

Фото и рецепт: Нада Танковиќ