Велигденските јајца се обележје на големиот христијански празник Велигден. Јајцата се бојадисуваат (вапсаат) и се украсуваат во текот Великата недела, најчесто на Велики четврток или Велики петок.

Првите три јајца, домаќинката ги бојадисува во црвена боја пред изгрејсонце. Бојадисаните јајца обично се ставаат во кошница наполнета со слама така што наликува на птичјо гнездо.

Обичај кај сите Христијани бил и сè уште е дарувањето велигденски јајца. При одење на гости кај постарите членови, секое семејство дарува онолку јајца колку што има членови во тоа домаќинско семејство.

За возврат, добива јајца исто така, за секој член од семејството по едно јајце. Се даруваат најразлични јајца, во различни шари. На девојчињата најчесто им се даруваат црвени јајца со венец или цвеќе, како знак на нежност.

При капењето на децата, во водата се става црвено јајце (најчесто првото) и со него мајката поминува трипати по челото и образите на детето за да бидат црвени, како симбол на здравјето.

Првите бојадисани јајца се наменети за куќата, за Господ и по едно за секој член од семејството. Се верува дека токму првото бојадисаното јајце има голема заштитна моќ, па затоа се чува на посебно место.

Има различни легенди за традицијата за вапцување јајца. Една од нив е дека кога Исус Христос бил распнат на крстот, една кокошка дошла и под него снела јајце. К рвта од лицето на Исус капела врз јајцето и го обоила во црвена боја. Затоа денес првото јајце се вапса во црвена боја.

Останатите јајца се обојуваат во различни бои и се цртаат. Сината боја ја симболизира непорочноста, виолетовата – крстот, зелената – Христовите ученици, а жолтата – самиот Бог. Па така и дарувањето на јајцата во различна боја има одредена симболика, односно се посакува желба на оној кој му се дарува.

Ако некому му се подари сино јајце, му се посакува здравје, спокоен, ведар и смирен ум. Сината е боја на небото и сè што означува пространство. Сината боја исто така, означува тајновитост и недостапност…

Зелените јајца се симбол на плодноста и храброста. Тоа е смирувачка боја која означува поврзаност со природата. Виолетовите јајца обично им се подаруваат на лица со продлабочена духовност, посветени на Бог и молитвата, а исто така означуваат надеж и спокојство. Со портокаловите јајца некому му посакувате среќа и радост, а означуваат и трпение.

Жолтата боја означува светлина, наклонетост и грижа за некого, па ако добиете жолто јајце тоа симболизира благодарност за помошта и поддршката. Розовите јајца симболизираат нежност, милост и веселост. Црвените јајца симболизираат нов живот и плодност, вистинска, длабока посветеност и вечна љубов кон Бога, симболот на Велигден.

Ако сте дел од мнозинство што секоја година прави многу велигденски јајца, па дури и по раздавањето на семејствата доста ви остануваат, тогаш треба да знаете колкав е рокот овие јајца и до кога можете да ги јадете.

Рокот на вапсаните јајца не е ист како на обичното варено јајце. Голема штета е да ги фрлите, како и секоја храна, но треба да бидете особено внимателни со велигденските јајца, бидејќи, пред сè, не можете секогаш да бидете сигурни, дали некое од нив останало незабележливо напукнато, но маскирано со бојата.

Рокот на траење исто така, им се скратува поради тоа што стојат на собна температура неколку дена како најубавиот украс на масата, наместо во фрижидер. Имено, експертите велат дека јајцето кое стоело на собна температура повеќе од два часа веќе станува „плодна почва“ за раст и размножување на бактериите.

За време на готвењето, заштитниот слој паѓа од лушпата на јајцето, а кога подоцна ќе ги потопиме повторно во врела вода за да ги вапсаме, таа станува уште потенка и јајцето станува изложено на воздух, температура и бактерии.

Експертите советуваат дека ако не ги чувате велигденските јајца во фрижидер, тогаш најдобро е да ги изедете истиот ден или најдоцна во наредните 2 дена. Ако ги чувате во фрижидер, можете да ги користите јајцата во рок од шест дена.

I Ако барате идеи како да ги украсите велигденските јајца оваа година, можеби ќе ви се допадне предлогот за обојување јајца со ориз кој е многу лесен и едноставен

Освен фактот дека правењето на овие велигденски јајца е едноставно, тоа е исто така доста евтино. Исто така, целата постапка е забавна, па дури и најмладите ќе уживаат во неа.

Првиот дел од постапката е белеење на јајцата за да се направат боите повидливи. За овој дел ќе ви треба ал-кохолен оцет кој е природен избелувач и вода.

Во зависност од тоа колку јајца сакате да избелите, ставете ја потребната количина вода. Најважно е потоа да додадете оцет во водата во еднаков сооднос. Ако ставите половина литар вода во садот за готвење, не заборавајте да додадете и половина литар оцет.

Варете ги јајцата во овој раствор десет минути. Како одминува времето, ќе забележите дека лушпата станува посветла и полесна, а кафеавата пена излегува на површината на растворот. Пената можете да ја отстраните со лажица.

По готвењето, исплакнете ги јајцата под млаз ладна вода и пребришете ги нежно со крпа. Бидете претпазливи бидејќи лушпата станува потенка по белењето. Оставете ги да се оладат на собна температура неколку минути.

По белењето, следно што ви треба за боење на јајцата е: ориз, бои за храна, мала зип ќесичка на затворање.

Постапка: Ставете го оризот во вреќичката и ставете боја во него. Ставете онолку капки боја колку што сакате да се шири бојата врз јајцата. Ние ставивме 5 – 6 капки ориз и додававме по потреба.

Доколку бојата е премногу темна, може претходно да ја разредите со вода, но нема потреба од овој процес. Ставете го јајцето во ќесичката, затворете ја и нежно поминете низ сите страни за да ја фатите бојата.

Забелешка: Ние исто така комбиниравме различни бои на едно јајце – жолто и сино или црвено и жолто – и тие се мешаа, па станаа зелени или портокалови.

II Начин на обојување на велигденските јајца – Овој трик за бојадисување на јајцата е вистински хит

Светкави велигденски јајца кои се подготвуваат многу лесно и едноставно. Трикот е едноставен – треба да ги обоите јајцата или да ги сварите во вино. Потребни ви се јајца, ладно црвено вино и тенџере во кое ќе ги готвите.

Постапка: Ставете ги јајцата во сад и додајте го ладното вино по ваш избор. Виното треба да ги прелие јајцата во тенџерето. Гответе додека да зоврие виното и потоа оставете уште десет минути да се готват на пониска температура.

Варените јајца оставете ги да стојат во тенџерето со вино во кое се вареле најмалку осум часа, по можност преку ноќ. Во овој период, ќе се формира како кристална обвивка што ќе и даде на лушпата сјај како јајцето да е покриено со светки.

Откако ќе отстојат неколку часа, извадете ги од тенџерето без многу допирање и ставете ги на жичната решетка од рерната. Кога едната страна ќе се исуши, свртете да ги исушите јајцата и од другата страна.

Ако го замените црвеното вино со бело и додадете малку боја за храна, ќе добиете светкави велигденски јајца и во други нијанси. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовкса.