Ова се сирови колачиња од ф’стаци, бадеми, семки од тиква… Без многу труд, спојте ги сите состојки, изедначете ја смесата и изладете ја еден час во фрижидер. Потоа обликувајте и декорирајте со глазура од млечно чоколадо и сусам.

Излегуваат многу колачиња од една смеса, а целата постапка е лесна и може да ја направи и дете. Смесата може да ја прилагодите и според ваш вкус, да ставите јатки по желба, а во продолжение прочитајте кои состојки ви се потребни:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1/2 чаша ф’стаци (60 г), 1/2 чаша излупени бадеми, 1/4 чаша семки од тиква (20 г), 1/4 чаша сусам, 1 голема лажица кокосови трошки (10 г), 1 шолја урми (150 г), 1/4 чаша суви кајсии (60 г), прстофат сол, 1 мала лажица екстракт од ванила, 1 голема лажица мед (20 г), 120 г темно чоколадо или млечно и уште малку сусам за декорација (опционално).

ПОСТАПКА: Ф’стаците се лупат и се ставаат во блендер. Потоа се додаваат бадемите и семките од тиква според погоре напишаните количини. Блендерот се вклучува и се блендираат семките додека да добијат конзистентност како песок. Смесата треба да биде помалку мрсна поради семките.

Се додаваат семките од сусам, кокосовите трошки, урмите и сувите кајсии. Смесата се блендира додека да се иситнат и останатите состојки, па се додава прстофат сол, 1 мала лажица екстракт од ванила, 1 голема лажица мед и повторно се блендира додека целосно да се инкорпорираат сите состојки.

Извадете ја смесата од блендер, префрлете ја на една чинија и вадете по малку од неа, формирајќи колачиња со елипсовидна форма, кои помалку треба да наликуваат како мали црвчиња. Дебелината на колачињата треба да биде околу 1 прст.

Вака подготвените колачиња се редат во плех обложен со хартија за печење, а кога ќе ја потрошите целата смеса и ќе ги формирате сите колачиња, плехот се става во фрижидер на 15 минути, за смесата малку да се стегне. Настрана, се растопува 120 г чоколадо.

Може да користите црно чоколадо без шеќер или млечно чоколадо кое содржи шеќер. Имајте на ум, дека колачињата се веќе многу благи поради урмите, медот и сувите кајсии. Извадете ги колачињата од фрижидер и настрана спремете си една решетка со чинија одоздола.

Секое колаче натопувајте го во чоколадната глазура и ставајте го на решетката да се исцеди од вишокот. Вака колачињата се оставаат да отстојат околу 5 минути. Додека чекате, чоколадната глазура која ви останала може да ја ставите со кесичка (како кујнски шприц) и кога чоколадото на колачињата ќе се стегне, да направите декорација од мали линии на секое колаче.

Исто така, за колачињата да изгледаат подекоративни, можете да им ги натопувате врвовите во чоколадо, па додека се уште влажни да ги валкате во сусам или некои други семки по желба, само на врвовите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.