Додатокот од плазма кекси во колачите секогаш е добитна комбинација, зашто овозможуваат уникатен и неодолив вкус. Овие колачи се приготвуваат за многу брзо и едноствно. Се прави смеса од мелено плазма кекси и неколку состојки, се формира во валјак кој се остава во фрижидер да се олади 2-3 часа, по што се сече на мали парчиња.




Вкусот на смесата е неодолив, што значи дека колачите може да ги послужувате какви што се и каков било облик по важа желба, но доколку ги декорирате (прочитајте го и предлогот за декорација), овие колачи наликуваат на оние од најреномираните слаткарници ширум светот. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелени плазма кекси (може и кекси по избор), 1 полна супена лажица шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 2 супени лажици мелени ореви, 2 супени лажици какао во прав, 90 г растопен путер или маргарин, 200 мл млеко.

ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 100 г чоколадо по желба, 1 супена лажица масло, кокосови трошки/мелени ореви/чоколадни трошки/шарени трошки..




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 300 г мелена плазма-кекси (или мелени бисквити по ваш избор), една полна супена лажица шеќер во прав и една кесичка ванилин шеќер, две полни до врв супени лажици мелени ореви и две супени лажици како во прав.




Наместо какао во прав може да користите чоколадо во прав или засладено какао, но во тој случај изоставете го шеќерот во прав или пак, засладете по вкус. Промешајте ги сувите состојки во изедначена „сува мешавина“.




Путерот исечкајте го ситно, ставете го во помал сад и растопете го во микробранова печка или на пареа/тивок оган. Додајте го во сувата мешавина, но не смее да биде врел, туку млак. Најпосле додајте уште една чаша млеко (200 мл).




Измешајте со лажица додека да се впијат течните состојки во сувите и да се формира компактно тесто кое лесно се обликува со раце. На рамна работна површина оптегнете долгнавесто парче стреч-проѕирна фолија.




Истресете го тестотк врз фолијата, со рацете стиснете го топка, па започнете малку по малку да го валате со дланките, додека да формирате тенок валјак како салама. Добро завиткајте го во фолијата, стегнете го и оставете го во фрижидер да се лади најмалку 3 часа.




За тоа време пригответе ги состојките за декорација. Во сто грама чоколадо искршено на коцки додајте една супена лажица масло и растопете го во микробранова печка. После три часа извадете го колачот од фрижидер и сечете го на колачи со дебелина од приближно 1-1,5 см.




Секое колаче внимателно фатете го со прстите и потопете го во чоколадната глазура, само врвот, а потоа во кокосовите трошки (мелени ореви, шарени или чоколадни трошки), за да се нафатат на натопеното место. Или пак, само полејте ги одозгора со чоколадна глазура. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.