Вишни во тегла за зимница

Јуни е месец на вишни, а доколку сакате колачи, сируп и пити со вишни, тогаш сигурно барате начин како да ги сочувате за зимно време. Ова е рецептот според кој јас ги приготвувам во тегли барем 20 години најмалку, кој се покажал најпрактичен, а сум испробала повеќе.

Замрзнувањето на вишните се разбира дека е најздравиот начин, но тогаш би ми биле потребни два фрижидери за замрзнување за целото овошје и зеленчук кои сакам да ги замрзнам и да ги имам за зимно време.

Потребни состојки:

10 кг вишни – исчистени од петелки и извадени семки
2 кесички конзерванс (обично оди една кесичка на 5 кг плодови)
10 тегли – измиени, избришани и со добри капаци, без рѓа на нив.

Постапка:

Вишните измијте ги, исчистете ги од петелки и семки, измешајте ги со конзерванс и оставете ги 24 часа да отстојат во вангла или поголем лонец. Може да ги оставите и во кујна на собна температура, не е проблем.

вишни во тегла

После 24 часа ќе забележите дека тие отпуштиле сок. Пакувајте ги во теглички колку плодови може да се соберат и прелијте ги со сокот кој го отпуштиле. Добро затворете ги со капак и тоа е се’!

вишни во тегла

Вака оставените вишни може да се користат и за колачи и за сос, а ќе ја задржат својата цврстина и боја и после една година, а ќе бидат секогаш подготвени да ги пробате.

вишни во тегла
Loading...