Старинска торта со ореви, чоколадо, портокал…сите што ќе ја пробаат се воодушевени. Васината торта секогаш се приготвува за најважните празници и прослави поради својот неодолив вкус и поради тоа важи за кралица на тортите. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 5 лажици ореви, 5 лажици брашно. ЗА ФИЛ: 5 жолчки, 5 лажици брашно, 100 г чоколадо за готвење, 200 г мелени ореви, кора и сок (околу 70 мл) од 1 портокал, 200 г путер. ЗА ШАМ: 10 лажици шеќер, 100 мл вода, 5 белки, 5 лажици шеќер

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад скршете пет јајца, па додајте 5 супени лажици шеќер и една кесичка ванилин шеќер. Добро изматете додека шеќерот да се растопи и да добиете густа, пенлива и светла кремаста смеса. Потребно е добро да се измати за да се постигне оваа густина.

Во изматените јајца додајте пет супени лажици мелени ореви, па продолжете со матење уште една минута додека да се изедначи. Потоа додајте пет супени лажици брашно и повторно изматете за да се изедначи.

Калапот со флексибилен обрач 26 см обложете го со хартија за печење, па дното и страните на калапот добро намастете ги со путер, или малку намастете и наросете брашно, а вишокот истресете го. Излејте ја смесата во подготвениот калап, протресете и израмнете.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени 10 минути, а потоа намалете на 180 степени и печете уште 7-8 минути. Најдобро е да проверите со чепкалка за заби, доколку излезе сува кога ќе го боцнете бисквитот, значи дека добро е испечен.

ЗА ФИЛ: Од 5 јајца на собна температура одвојте ги во различни садови белките од жолчките. Белките оставете ги настрана, а во жолчките додајте 5 лажици шеќер, па пенасто изматете ги додека шеќерот да се растопи и да добиете светла, густа смеса. Најдобро е да матите врз пареа (термички да се обработат жолчките), додека жолчките да станат кремасти, околу 7-8 минути.

Во топлиот крем додајте 100 г чоколадо за готвење, искршено на коцки и мешајте додека целосно да се растопи и изедначи. Потоа тргнете го садот од пареа и додајте 200 г мелени ореви и промешајте. Во веќе згуснатиот и оладен крем додајте рендана кора од еден портокал и 70 мл исцеден сок.

Промешајте добро и изедначете ја смесата. 200 г путер омекнат на собна температура исечете го на коцки и додајте го во изладениот крем (мора да бидат на иста температура), па пенасто изматете со миксер додека да добиете изедначена смеса.

Со приготвениот фил филувајте го бисквитот. Распоредете рамномерно и израмнете. Тортата оставете ја во фрижидер малку да се стегне додека го приготвувате шаумот: 10 лажици шеќер и 100 мл вода ставете на оган да се вари до густина како за слатко.

За тоа време пенасто изматете ги белките со 5 лажици шеќер додека да добиете цврст снег. Потоа започнете постепено да го додавате врелиот сируп додека непрекинато матите со миксерот. Шаумот нанесете го врз тортата, а одозгора наросете малку мелени ореви. Деталите од подготовката погледнете ги во видеото ОВДЕ.